Мицкоски ќе обединува со македонизам


В четврток во Вевчани и в сабота во Куманово, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, ќе ги предводи собирите на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата „Обнова за Македонија“. Слушајќи ги маките на жителите и трагајќи по решенија за нивните проблеми, кои по Нова година ќе бидат преточени во изборната програма на партијата, Мицкоски, веројатно уште еднаш ќе го промовира „македонизмот како основна алка која ќе ги обединува сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка припадност“.

Терминот употребен како противтежа на „антиквизацијата“ и на „севернизацијата“ на земјата предизвика интерес во јавноста, во смисла што точно значи и како ќе се имплементира.

Станува збор за концепт сличен на оној во САД каде што сите граѓани, без оглед на нивната национална или верска припадност, гордо истакнуваат дека сите тие се Америка и Американци. Конкретно, во нашиот случај, тоа значи дека без оглед дали сме Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби или од која било друга националност, сите ние живееме во Македонија и таа ни е татковина. Поради тоа, ние мораме да ги почитуваме нејзините симболи, а од друга страна, државата мора да обезбеди еднакви услови и права за сите, без разлика дали се од Скопје, Дебар, Струмица, Арачиново или кое било друго место. И Македонците и Албанците, и покрај различностите, имаат исти маки, сите сакаат асфалтирани улици, канализација, вода, погодни услови за учење, шанса за примамливи работни места, ефикасно здравство“, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека првичните реакции за нивниот концепт што доаѓаат од различните етникуми во земјава е повеќе од одличен бидејќи „препознаваат оти наша цел е да ја направиме Македонија пристојно место за живеење со што ќе ги задржиме младите во земјава“.

Според соговорниците од ВМРО-ДПМНЕ, македонизмот ќе се огледа со тоа што на студентите ќе им биде овозможено подобро и поквалитетно образование, кога без да ветуваат просечната плата ќе биде повисока од 500 евра, кога ќе има пораст на БДП и на инвестициите, кога докторите нема да се селат на запад, кога земјоделството ќе стане достоинствена професија…

Македонизмот ќе успее така што ќе ја вратиме правната држава, во која ќе нема привилегирана каста на луѓе и политичари, каде што секој оној што се огрешил пред законите и се осрамотил пред граѓаните – ќе одговара без политичка интервенција. Тоа е првиот чекор за да успее македонизмот“, нагласуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

За програмата задолжен професорот Славески

Од најголемата опозициска партија соопштија дека во рамките на кампањата „За обнова на Македонија“ добиле поплаки од околу 40.000 граѓани. ВМРО-ДПМНЕ упати јавен повик до сите невладини организации, здруженија на граѓани, синдикати, стопански комори и останати заинтересирани субјекти да се вклучат во изработка на кампањата што ќе ја предводи ексминистерот за финансии Трајко Славески.

Во пресрет на предвремените избори се поставува и прашањето со која од албанските политички партии ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во коалиција доколку успее да освои најмногу гласови на 12 април идната година.

Во комуникација сме со сите албански партии. Сметам дека тоа е нешто нормално што треба да го правиме во едно плуралистичко општество. На сите тие средби најактуелна тема се предвремените парламентарни избори. Во однос на каква било соработка, приближувањето на ставови ќе се базира на принципиелно договарање и политика. Пазарења, заткулисни игри и слично не доаѓаат предвид“, вели генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Кога е во прашање статусот на членот на Извршниот комитет, Иванка Василевска, која во интервју за српски портал даде контроверзни ставови околу федерализацијата на државата и автокефалноста на Македонската православна црква, од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш одговорија дека таа го демантирала интервјуто тврдејќи оти зборовите ѝ биле извртени.

Јанушев: Не доаѓа предвид одлагање на изборите

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека не доаѓа предвид никакво одлагање на предвремените парламентарни избори закажани на 12 април в година, следствено на најавата на Артан Груби од ДУИ дека на лидерската средба било договорено доколку процедурите за членство во НАТО не завршат до февруари, изборите да се пролонгираат.

Претпоставувам дека е некое недоразбирање, бидејќи на средбата воопшто не стана збор за такво нешто. Напротив, откако се договори дека 12 април ќе биде датумот кога ќе се одржат изборите, се проверуваше можноста Собранието повторно да биде свикано доколку е веќе распуштено, ако е потребно да се донесе последната ратификација на спогодбата. На самата средба имаше и експерти, односно професори од Правниот факултет, кои го потврдија истото, бидејќи во 2016 година имаме воспоставено таква пракса и Уставниот суд има донесено одлука со која во случај на итни, неодложни и одредени ситуации е дозволиво Собранието наново да се свика“, тврди Јанушев.

Горан Адамовски