Мицкоски и во Босилово и Василево ја води кампањата за претседател без Силјановска
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го нападна Пендаровски дека бил „корумпиран до срж, сплеткар“
И во општината Босилово и општина Василево кампањата на претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ ја водеше лидерот на партијата Христијан Мицкоски, а не кандидатката Гордана Силјановска-Давкова. Ова веќе се случува повеќе пати по ред Силјановска да не присуствува на митинзите на кои треба да се претстави таа, а наместо тоа врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја претставува платформата за парламентарните избори.
Пред жителите на Босилово Мицкоски со сета сила ја нападна „тројката“ од ДУИ – Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи, и рече:
„На овие избори одлучуваме дали Македонија ќе биде онаква каква што мојата, вашата, нашата генерација сакаше да ја види или пак ќе биде Македонија онаква каква што Али Ахмети му сугерираше на Димитар Ковачевски со три клучни збора, а тоа се – како до сега? Овие избори кои што следат се Македонија горда, Македонија повторно твоја или пак како до сега во која СДС се ништо повеќе од еден обичен измеќар на ДУИ, а државата, нашата Македонија ја водат Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и останатите стотици разбојници од ДУИ кои од Македонија направија сопствен вилает“.
Тој образложуваше што значи наводниот принцип „Како до сега“:
„Каков е принципот на ‘Македонија како до сега’? Македонија подразбира да продолжи Артан Груби да си ги мести тендерите, а членовите на негoвотo семејство да купуваат скапоцени, милионски имоти во центарот на поголемите градови низ Македонија, вклучително и главниот град. ‘Македонија како до сега’ според методологија на Али Ахмети и Ковачевски е Македонија во која Бујар Османи како министер за надворешни работи патува низ светот и го распродава македонскиот идентитет, небаре го наследил од неговиот дедо. ‘Македонија како до сега’ е методологија во која Али Ахмети ужива во својата хациенда во Зајас небаре е некој блискоисточен мултимилионски шеик и оттаму ја крои судбината на Македонија. Затоа секој којшто ќе излезе на овие избори одлучува дали ова трио ќе продолжи како до сега да ја уништува Македонија или пак ќе гласа за Македонија да биде повторно горда онаква каква што сакаме да ја видиме, Македонија да биде повторно ваша? На 24 април бирате помеѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова“, кажа Мицкоски.
На митингот зборуваше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој е носител на листтата за Изборната единица 4.
Тој го нарече Пендаровски „корумпиран до срж, сплеткар“. „На тој човек мора да му кажеме не на 24 април и 8 мај. А можеби да му помогнеме и да се исели од државава. Тој треба да каже и зошто ни една крими афера обелоденета од ВМРО-ДПМНЕ не ја осуди, зошто прифаќа неговата кампања да биде финансирани со крадени ваши пари“, рече Николоски.