Мицкоски: ГРЕКО потврди, Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост

Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата.
Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста, тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешата седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
„Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција. Корупцијата не беше појава, беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кој вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира. ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост“, додаде Мицкоски.
Според него, Групата на држави против корупција на Советот на Европа, испраќа јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Првпат по долго време, вели тој, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
„Знаеме дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани. Затоа, нашата стратегија е јасна: градење на сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество.
Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации.
Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност“, нагласи Мицкоски