Важни се договорените датуми – 3 јануари за формирање техничка Влада и 12 април 2020 предвремени за одржување парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Куманово. Тој апелираше да надвладее мудроста и да не се делегитимира договореното на лидерската средба кај претседателот на државата, инаку не гледа причини зошто повторно би се одржувале лидерски за сериозни прашања за граѓаните.
– И таму се разговараше за можностите што денеска се дилема и кои денеска ги рефлектираат од страна на СДСМ и онаа загриженост која што ја рефлектираат. Мислам дека загриженоста повеќе се темели на стравот од катастрофален пораз на следните предвремени парламентарни избори, на тој начин доколку продолжи парламентарното мнозиниство вака да се однесува не само што ја загрозуваат демократијата, не само што влијаат врз изборниот процес туку комплетно го делегитимираат последниот лидерски состанок кај претседателот Стево Пендаровки и на тој начин само дополнително создаваат недоверба меѓу граѓаните во Македонија – зјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарски прашања, вели дека осцилациите и промената на ставовите на власта и на Зоран Заев ги демотивираат, деморализираат граѓаните и негативно се одразува на економијата, повторувајќи дека ваквите осцилации можат да го делегитимираат договореното на лидерската средба. Мицкоски изјави дека граѓаните навремено во втората половина од декември ќе ги знаат имињата за министрите и нивните заменици во техничката Влада, истакнувајќи дека во наредниот период ќе се формираат републичкиот, општинските изборни штабови, ќе се почне со мерење на јавното мислење, пораките кои ќе се кажат пред граѓаните.
Во однос на тоа дали има план „Б“ за ратификација на протоколот за членство во НАТО за Северна Македонија од Шпанија, Мицкоски вели дека и за тоа било разговарано на лидерската средба.
– Оваа тема ја разговараме и на состанокот кај Пендаровски, таму имаше преставници од неговиот кабинет, универзтитетски професори кои дадоа толкување дека во минатото имало пракса кога ќе се распушти Собранието, да се собере. Јас не го зборував тоа, тие го зборуваа, така што побарајте толкување од таму, побарајте сведоштво од таму, што беше разговарано и што беше од нивна страна дадено како совет. Сите политичари, претседатели на политчки партии кои што беа дел од тој состанок тоа го слушнаа и сите беа сведоци на тоа, така што навистина јас овие осцилации не можам да ги разберам. Вака не може сериозно да се однесуваме и да бараме сериознот од останатите субјекти во државата. Ние мора да покажаме сериозност барем сега кога има предуслови за таква сериозност, а тоа беше последната лидерска средба – изјави Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања истакна дека и претходно предупредувале оти прогресивниот данок бил погрешен, но за него е важно сега кој ќе ги санира штетите и повика надлежните да ги вратат парите кон стопанството и граѓаните.
– Но, она што е за мене пострашно е што Зоран Заев, Кочо Анѓушев и останатите таму, кои се носители на економската политика, практично кажаа дека имале погрешна економска политика. Кој ќе ги санира последиците од таа економска политика и ги пуштија низ вода сите поранешни министри од редовите на СДСМ почнувајќи од Петар Гошев, Никола Поповски, завршувајќи со Драган Тевдовски. Не можам да се изначудам со каква леснотија излегуваат пред новинарите и велат нашата економска политика всушност била погрешна овие три години. Еве јас ја користам оваа прилика и апелирам до Зоран Заев и Министерството за финансии веднаш да ги вратат парите назад кај граѓаните и кон стопанството што ги наплаќаа како арач изминативе девет-десет месеци, да се вразумат, овие некоку месеци во заминување кои им преостануваат, да водат рационална политика, да не водат егзибиционистички политики, да не ја доведуваат државата во подредена положба и да не ги ставаат во непријатно, под уцена и притисок вработените во институциите да слугуваат на погрешните политики – рече Мицкоски.
По 12 април 2020, како што рече, ќе има одговорност и пред законите, но и пред граѓаните. Мицкоски смета дека граѓаните нема да заборават што се случуваше овие три години.