Меркел: Вечерва не очекува тешка работа околу именувањето


Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека изборот на кандидати за водечките позиции во Европската унија ќе биде тежок и дека е потребно повеќе време.

– Ќе се обидеме да бидеме конструктивни, но неопходно е да избегнеме конфликт меѓу Европскиот совет и Парламентот, рече Меркел.

Пред вечерашниот вонреден самит на ЕУ во Брисел, Меркел изјави дека целта е Европскиот совет да дојде до предлог кој ќе го упати до Европскиот парламент, а кој ќе се однесува на изборот на новиот претседател на Европската комисија и останатите  водечки позиции во институциите на ЕУ.

– Како што стојат работите, тое нема да биде лесно. Парламентот, односно двете најголеми фракции, инсистираат на принципот на водечки кандидат. Во исто време, најголемата фракција, Европската народна партија нема доволно мнозинство. Затоа, Доналд Туск вечерва ќе има тешка работа, оцени Меркел.

Таа претходно изјави дека владејачката коалиција во Германија го поддржува кандидатот на Европската народна партија, Манфред Вебер, како кандидат на политичка група која освои најголем број гласови на претходните европски избори.

На принципот на водечки кандидат, што го поддржува и Европскиот парламент, се спротивставуваат земјите членки, пред се Франција, кои инсистираат, според одредбите од Договорот за ЕУ, да имаат главна улога во изборот на водечките луѓе во институциите на ЕУ.

Одлуката што ќе ја донесе Европскиот совет мора да помине на гласање во Европскиот парламент.

Вечерашниот вонреден самит во Брисел е трет од завршувањето на европските избори, на кој треба да се постигне консензус за тоа кој ќе ја претставува ЕУ во наредниот петгодишен период.

ЕУ треба да номинира кандидати за претседател на Европскиот совет, Европската комисија, шеф на дипломатијата и претседател на Европската централна банка.

На претходниот самит на 20 јуни, за ниту еден од кандидатите немаше мнозинство.

Во меѓувреме, продолжија консултациите помеѓу лидерите на ЕУ и претставниците на водечките групи во Европскиот парламент.

Станува збор за комплексни преговори со кои треба да се усогласат различните позиции на земјите членки, Европскиот совет, Европскиот парламент, но и да се создаде рамнотежа меѓу водечките политички групи во ЕУ, рамнотежа меѓу половите, при што се очекува дека барем на две од пет водечки позиции во ЕУ ќе биде жена, потоа географска рамнотежа меѓу кандидатите од западните и источните земји, како и меѓу големите и малите земји – членки на ЕУ.

Предвидено е процесот на номинирање да заврши до инаугурацијата на новиот Европски парламент, кој својата прва седница треба да ја одржи на 2 јули во Стразбур.