Мерц избран за канцелар на Германија во втор обид

ЦДУ и СПД ја добија поддршката од Левицата и Зелените за вториот круг од гласањето


Пред Фридрих Мерц се големи искушенија (Фото: АП)

Новиот состав на германскиот Бундестаг го одржа своето второ гласање, на кое со мнозинство гласови го избра Фридрих Мерц (CDU) за нов канцелар на Германија.

Првиот круг гласање, кој се одржа наутро беше шок за ЦДУ и СПД, бидејќи не успеаја да обезбедат минимум 316 гласови за назначување на Мерц. Во вториот круг од гласањето, новото мнозинство успеа во овој потфат, а Мерц доби 325 гласови. Иако се очекуваше партиите да направат пауза од неколку дена пред новото гласање, претставниците на ЦДУ и СПД ја добија поддршката од Левицата и Зелените за вториот круг од гласањето.

Новоизбраниот канцелар Мерц ќе ја добие потврдата за назначувањето од сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во палатата Белви. Како што е планирано, Мерц ќе ја положи заклетвата во Бундестагот, а медиумите објавија и дел од текстот на церемонијата што ќе го придружува целиот настан.

„Се колнам дека ќе ги посветам своите сили на благосостојбата на германскиот народ, ќе ги зголемам неговите придобивки, ќе спречам штета, ќе го почитувам и бранам Уставот и законите на сојузната држава, совесно ќе ги исполнувам моите должности и ќе спроведувам правда за сите. Нека ми помогне Бог“, е дел од заклетвата.

По положувањето на заклетвата, Мерц повторно ќе се сретне со германскиот претседател, како и со министрите во новата влада кои ќе добијат потврда за нивното назначување. После тоа, министрите повторно ќе се вратат во Бундестагот каде што ќе положат заклетва.

ЦДУ и СПД, кои ќе ја формираат новата влада, веќе се договорија за распределбата на позициите и имињата што ќе ги преземат позициите. Секако најинтересниот факт е дека ЦДУ ќе го преземе управувањето со Министерството за надворешни работи по неколку децении. Шеф на дипломатијата ќе биде Јохан Вадефул, а министер за Европа ќе биде Гинтер Крихбаум.

Од друга страна, СПД ќе има седум позиции во новата влада, а најзначајно е секако дека Борис Писториус ќе остане министер за одбрана.