Медведев ги нарече ЕУ амбасадорите „имбецили“, не сакале средба со Лавров


Заменик претседавачот на рускиот Совет за безбедност и поранешен премиер, Дмитри Медведев, ги нарече амбасадорите на ЕУ „имбецили“ бидејќи одбиле средба со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, иако според него нивниот гест е против самата идеја на дипломатијата.

-Амбасадорите на земјите од ЕУ во Русија одбија средба со рускиот министер за надворешни работи. Наводно, по некој совет од Брисел. Тоа е тотално спротивно на самата идеја за постоење на дипломатски претставништва и назначувања на амбасадори.Во реалноста, сите овие амбасадори треба да бидат исфрлени од Русија, а нивото на дипломатски односи да се намали.
Тоа не се амбасадори, туку политички имбецили кои не ги сфаќаат своите вистински задачи, напиша Медведен на Твитер.

Амбасадорите на земјите од Европската унија во Москва ја одбија предложената средба со рускиот министер поради „ниското ниво на доверба во руското Министерство за надворешни работи“.

Сергеј Лавров изјави дека средбата со европските дипломати требало да биде посветена на претстојните претседателски избори во Русија. Сепак, според Лавров, два дена пред закажаниот настан МНР добило порака дека амбасадорите нема да дојдат на средбата.

-Што мислите? Два дена пред закажаниот настан, пред средбата, ни испратија нота: „Решивме да не дојдеме.“ Можете ли да замислите односи со држави на дипломатско ниво, чии амбасадори се плашат да дојдат на средба со министерот на државата во која се акредитирани?Каде сте го виделе ова? – рече Лавро.

Министерот, исто така, појасни дека на средбата сакал да разговара со амбасадорите за информациите дека се „подготвуваат“ за претседателските избори – особено дека наводно имаат намера да ја поддржат руската „несистемска опозиција“ и да користат одредени „механизми“ за интервенција“. Лавров рече дека ќе ги предупредел странските дипломати за таквите акции, но тие одбиле да присуствуваат.

„Бевме поканети да разговараме за односите меѓу ЕУ и Русија, но сега министерот Лавров вели дека станувало збор за предавање. Тоа докажува дека сме биле во право што ја одбивме поканата“, соопшти делегацијата на ЕУ.

Делегацијата на ЕУ спомена дека негативниот одговор бил под влијание на смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални , како и на фактот дека повиците на ЕУ за независна меѓународна истрага за причините за неговата смрт останале без одговор.