Мечкин Камен – бојно поле за докажување патриотизам


Веќе како по традиција, во исклучително поларизирана атмосфера се  пречекува 116-годишнината од Илинденското востание и 75-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, кога се удрени темелите на македонската држава. Прославата годинава е под мотото „Сите сме деца на Илинден“, но според сите најави она што ќе се случува во Крушево инстантно ќе го пречкрта тоа „сите“ и ќе донесе нова епизода на исклучивост на „вие и ние“. Мечкин Камен повторно ќе биде бојното поле за докажување кој е поголем патриот, а кој е наводно предавник. Веќе видено сценарио, ама очигледно некому тоа сè уште не му е здодевно.

Имено, Иницијативниот одбор, како што се нагласува, за „македонската прослава на Мечкин Камен“ ќе организира паралелна прослава со повик да се дојде во што поголем број и тоа со македонски знамиња, а не, како што стои во соопштението, со вентилатори.

„Со себе понесете и труби и разни свирчиња. Инаку, свирчиња ќе се поделат и на Мечкин Камен. Не наседнувајте на какви било провокации и заплашувања, не ни можат ништо. Македонија е на Македонците, никогаш северна, само Македонија. Се гледаме на Илинден на Мечкин Камен во 11 часот на македонска бина, на македонска прослава“, се вели во соопштението.

На социјалните мрежи преку разни профили се повикуваат „вистинските Македонци“ во голем број да дојдат на Мечкин Камен за да ги „исвиркаат северџаните“ и да ги запаметат „ситните профитерчиња“. Таков тип пораки стигнуваат и од лица припадници на помали партии и патриотски здруженија кои беа дел од движењето „Македонија блокира“ и на протестите пред Собранието против Договорот со Грција.

На официјалната манифестација, пак, ќе говори премиерот Зоран Заев, кој деновиве доби отворени закани по живот. Од МВР велат дека ги преземаат сите мерки за мирно и безбедно одбележување на празникот, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повика на достоинствено прославување на празникот.

Денеска во Скопје на одбележување на двегодишнината од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка ќе допатува бугарскиот премиер Бојко Борисов. Заедно со Заев ќе учествуваат и на церемонијата на полагање цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.

Предвидено е двајцата премиери да го откријат и споменикот на бугарскиот полковник Константин Каварналиев крај Дојран, поточно на местото каде што загинал во 1913 година во битката против грчката војска за време на Втората балканска војна – чин, кој иако Заев го најави на почетокот на годината, деновиве предизвика полемики во јавноста. Дел од историчарите сметаат дека не требало да се избрзува со одлуката за возобновување на паметникот.

„Основното прашање е кој е Каварналиев и кој е неговиот придонес за Македонија. Имено, станува збор за бугарски полковник кој бил дел од борбата за поделба на Македонија. Тој можеби е значајна историска личност за Бугарија, но во македонската меморија нема свое место“, вели професорот Тодор Чепреганов.

Идејата за реконструкција на споменикот на Каварналиев е стара. Во 2006 година, открива Чепреганов, тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски побарал мислење од Институтот за национална историја во однос на барањето на Амбасадата на Бугарија за реконструирање на паметникот, но и на воените гробишта на паднатите војници на 58. регимента кои се наоѓаат на патот Валандово-Дојран. Одговорот од Институтот, чиј директор во тоа време е Чепреганов, бил делумно негативен. Позитивно било одговорено за гробиштата, бидејќи, според оценката, станувало збор за човечки, хуман и христијански чин (а притоа веќе постојат гробишта на војници загинати во француската, британската, германската и српската армија), но не и за паметникот.

„Не би требало да се возобновуваат паметници и спомен-обележја, имајќи предвид дека тоа може да предизвика лавина барања на наследниците на бугарските, српските и грчките учесници во војните“, стои меѓу другото во дописот до Црвенковски потпишан од Чепреганов.

Во образложението на ставот понатаму стои: „Во текот на Балканските војни и Првата светска војна територијата на Македонија претставуваше воено поле на кое се одвиваа големи воени операции меѓу самите балкански држави, а потоа и меѓу големите и спротивставени два блока. Сите завојувани страни имаа многу жртви. Истите биле погребувани на територијата на Македонија и биле формирани воени гробишта. Тоа се правело со единствена цел – дека жртвите паднале за ослободување на Македонија, која ја сметале за нивна територија. Во однос на тоа кој окупатор владеел со Македонија, таков бил и односот кон воените гробишта и кон паметниците и спомен-обележјата. Се обновувале и им се одавало почит на жртвите на оние што во тој момент управувале со Македонија, додека противничките спомен-обележја биле запоставувани, па дури и уништувани. Сигурно дека тоа најмалку може да се оправда како цивилизациски чин“. (Н.К.)