„Мазда“ ги продаде за едно евро акциите во фабриката во Владивосток – и ја напушти Русија


Фабриката на „Мазда“ во Владивосток

 

„Мазда“ објави во своите финансиски извештаи дека го продаде својот удел во заедничкото вложување во Владивосток, каде што претходно се произведуваше јапонската марка автомобили на руската групација „Солерс“.

Договорот беше затворен на 24 октомври. Mazda го продаде својот удел во заедничкото вложување за симболична сума од едно евро. Производителот на автомобили со седиште во Хирошима го задржа правото да го откупи уделот за истата сума во рок од три години.

Компанијата има намера да го пренесе уделот „што е можно поскоро“ откако ќе добие одобрение од надлежните органи. Јапонската компанија ја процени загубата од трансферот на акции на 82 милиони долари.

„Солерс“ изјави дека групацијата ќе го купи уделот на „Мазда“ во заедничкото вложување во Владивосток и, веројатно, во 2023 година ќе ја рестартира фабриката на нова моделска линија. „Солерс“ претходно призна дека ќе се договорат за производство на автомобили од други марки.

Претходно во фабриката во Владивосток се склопуваа моделите CX-5, CX-9 и Mazda6. Во март, по почетокот на војната во Украина, „Мазда“ престана да снабдува резервни делови во фабриката, а на крајот на април ја прекина работата на претпријатието. „Додека компанијата продолжи да преговара со ‘Солерс’, не виде можност за повторно отворање на бизнисот“, се вели во соопштението на „Мазда“.