Маск ќе ја сели „Тесла“ од Калифорнија заради анти-корона мерките


САД- Милијардерот Елон Маск, шеф на фабриката за електрични автомобили „Тесла“, изјави дека ќе го премести седиштето на компанијата од Калифорнија, откако му било кажано дека сè уште треба да ја држи фабриката затворена, објави Би-Би-Си во саботата.

„Тесла“ веднаш ќе го премести своето седиште и идните програми во Невада“, објави тој во твит.

Компанијата ќе поднесе тужба против округот Аламеда, додаде тој.

Здравствените служби во округот одбија да дозволат фабриката да се отвори во петокот, наведувајќи го како причина карантинот. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, државата Калифорнија има 2.632 жртви од коронавирус.

Од 23 март, сите, освен „основните операции“, се прекинати во фабриката Фримонт во близина на Сан Франциско.

Фабриката вработува повеќе од 10,000 работници и произведува околу 415,000 автомобили секоја година.

Властите во Калифорнија олеснаа некои ограничувања во таа држава оваа недела и дозволија да се отворат бизнисите. Но, некои окрузи усвоија свои критериуми со кои економијата може да се започне одново.

Во Алмеида, скоро сите бизниси мора да останат затворени до крајот на мај.

Маск посочи дека иднината на фабриката може да се доведе во прашање. Тој претходно предизвика контроверзии околу спротивставувањето на ограничувањата и промовирањето на непотврдени третмани за вирусот.

На почетокот на март, милијардерот рече дека „паниката околу короната е глупава“, но подоцна донираше стотици респиратори за болниците во Њујорк.