Марко Колеќески (24) ќе учи за пилот, кој ќе гаси пожари

Цел живот го посветил на авионите, ги гледал, ги насочувал, па не ја пропуштил можноста за субвенции за приватен пилот, конечно да го оствари својот сон


Обука за пилоти на авион, лесни воздухоплови, едрилици, но и за параглајдер и падобранци, субвенционира годинава државата со 50 отсто, односно до 4.200 евра, а заинтересираните кои се јавиле на огласот денеска дадоа изјава зошто сакаат да станат пилоти.

– Цел живот сум многу возбуден за авијација, целта ми беше да бидам пилот, од средно, факултет итн. Матурската задача за средно, исто така, ми беше поврзана со авијација, вооружување на воздухопловни авиони – вели Колеќески кој е од Скопје.

Сакал да се запише на воената академија, за да продолжи како воен пилот, но ништо не испаднало од тоа, а сега би сакал да научи да пилотира и еден ден да се справува со пожари. Завршил на факултетот за информатика, затоа што услов за воен пилот е еден од техничките пилоти. Но, место тоа, ги положил тестовите за контрола на летање и таму работи, во М-НАВ. Цел живот го посветил на авионите, ги гледал, ги насочувал, па не ја пропуштил можноста за субвенции за приватен пилот, конечно да го оствари својот сон.

Критериумите ги исполнувал, полагал тестови, за кои вели дека биле општи и полагале математика и физика, па лесно ги поминал.

Предизвик му е да стане пилот на противпожарен авион, особено откако претходното лето, дојдооа многу пожарникари од странство да ни помогнат да се справиме со пожарите.

– Беше докажано дека не можеме да се справиме со сите овие пожари, дека немаmе доволно пилоти. Нашите пилоти на „ер тракторите“, коишто морам да признам дека ги обожавам, секој ден разговарам со нив, вели возбудено Колеќески. – Многу се гордеам со нив, многу ги почитувам и се надевам дека наскоро ќе можам и јас да им помогнам.

Смета дека тие се најхрабрите пилоти затоа што по 12 часа летаат се борат со пожари.

– Не можам да замислам ништо пострашно: со авион да влезеш во шума, во оган, кадешто ништо не се гледа, и во еден момент да се промени тежината на авионот и да те качи нагоре! Мислам дека е екстремно возбудливо и ектремно храбро – додава тој.

Тој вели дека обуката за приватен пилот, којашто чини повеќе од 8.000 евра, е скапа и било една од причините што досега не се пријавил за таа програма, но со субвенции од државата од половина од цената, сега тоа му е остварливо.

Александар Чавлески, електроинженер, кој отсекогаш сакал да стане пилот, аплицирал за едрилици, кои смета дека се основа за пилотирање, се надева дека еден ден ќе стане капетан на комерцијален авион.

Се бараат седум приватни пилоти на авион (PPL-A), три пилоти на лесни воздухоплови (LAPL),пет пилоти на едрилици по програма со аерозабрега (GPL), 10 параглајдеристи и двајца падобранци.

Почетнички обуки на пилотски кадар со кофинансирање од АЦВ, од в година поддршка и за напредни