Марјан Додовски, поранешниот министер за екологија, почина на 55 години


 

Долгодишниот активист за животна средина, а потоа едно време и министер за екологија и пратеник, Марјан Додовски, почина синоќа во клиничкиот центар во Скопје на 55 години.

Откако неколку години беше во раководството на Движењето на екологистите на Македонија, Додовски влезе во политиката во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година како заменик-министер за животна средина. По распадот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДА и заминувањето на Тони Поповски од функцијата министер, Додовски го презеде ресорот.

Како дипломиран студент по географија на Природно-математичкиот факултет Додовски беше дел од првите еколошки активисти во Македонија по стекнувањето на независноста.

Во политиката, како и многу негови сопартијци во времето на поделбите во партијата, ја напушти ВМРО-ДПМНЕ во 2004 за да стане дел од ВМРО-Народна, каде беше член на нејзиното раководство. Подоцна, во 2012 година, се врати во ВМРО-ДПМНЕ.

Беше пратеник во Собранието во мандатот 2006-2008 година. Претходно беше член на Советот на Град Скопје. Последните години неговата политичка активност беше минимална. Последната функција што ја извршуваше како кадар на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на загубарот „Еурокомпозит“ до 2017.

Веста дека починал ја соопшти неговата поранешна сопруга Иванка Василевска, која во моментов е пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.