МАНУ апелира до вработените да бидат трпеливи

Откако денеска беше активиран штрајкот на вработените во МАНУ поради многу ниските плати и нереализираните ветувања на државните институции, Академија се јави со соопштение во кое бараат тие да се стрпат „додека не се изнајде начин за нивелирање на платите“. МАН вели дека секогаш ги поддржувале вработените во нивните барања.
МАНу во соопштението напиша:
„Раководството на Македонската академија на науките и уметностите, како и досега така и сега, има разбирање и дава безрезервна поддршка и се грижи за решавање на горливиот долгогодишен проблем со ниските лични доходи на сите вработени во Академијата.
Во континуитет, органите на управата, повеќе години наназад, бараат од државата системско решение за овој горлив проблем, па така и новото раководство, во текот на последните шест месеци, во два наврата, има поднесено иницијативи до Собранието за донесување законско системско решение за усогласување на платите со оние во УКИМ и во другите државни универзитети и научни институции, со цел конечно да се прекине дискриминацијата на вработените во МАНУ во однос на нивните ниски лични доходи.
Во меѓувреме, Претседателството на МАНУ, исто така, донесе одлука за изработка на Колективен договор, со којшто МАНУ, функционирајќи како буџетски корисник од прва линија, во своето 60-годишно постоење не располага.
Затоа се апелира до членовите на Синдикатот да бидат трпеливи и да причекаат почнатите иницијативи (чие натамошно постапување не е во надлежност на МАНУ, туку на парламентот) да вродат со плод, односно да се изнајде начин за нивелирање на платите во соработка со Владата и со Собранието на државата.
Синдикатот, исто така, се замолува штрајкот да се одвива во согласност со постојната законска регулатива“.