Макрон: Средбата со Трамп, Зеленски и Стармер за Украина беше позитивна – Трамп си замина


Претседателите на САД, Доналд Трамп, Володимир Зеленски од Украина, Емануел Макрон од Франција и британскиот премиер Кир Стармер имаа „позитивна“ размена на мислења за Украина, на маргините на последното испраќање на папата Франциск, соопшти Елисејската палата.

„Потврдувам дека имаше размена на мислења меѓу претседателот и Трамп, Зеленски и Стармер, што беше позитивно“, рече советникот од Елисејската палата.

Иако од околината на украинскиот претседател беше најавено дека Трамп и Зеленски би можеле да се сретнат уште еднаш по завршувањето на испраќањето на папата Франциск, агенциите јавуваат дека Трамп го напуштил Рим.

Претходно, украинската и американската страна објавија дека Зеленски и Трамп се сретнале, седејќи на две столчиња во базиликата „Свети Петар“, без советници околу нив, а Белата куќа објави дека разговорот бил „многу продуктивен“.

Средбата се одржа во критичен момент за преговорите за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.

Трамп, кој врши притисок врз двете страни да се согласат на прекин на огнот, во петокот изјави дека разговорите меѓу неговиот претставник и руското раководство биле продуктивни и повика на состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на договорот.

Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се откаже од напорите за постигнување мир доколку завојуваните земји не се согласат на договор наскоро. Средбата во Рим е прва средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски откако се скараа во Овалната соба во февруари.