Макрон се сретна со папата Лав Четиринаесетти во Ватикан


Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го посети Ватикан, каде што имаше приватна аудиенција кај папата Лав Четиринаесетти, пренесе АНСА.

Ова беше прва лична средба на Макрон со понтифот од американско потекло. Во придружба на сопругата Брижит, Макрон се сретна и со државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин.

Меѓу подароците што францускиот претседател му ги врачи на папата, кој е познат како љубител на кошарката, беше и дрес од француската репрезентација со посвета од играчите.

„За време на срдечните разговори во Државниот секретаријат беше истакната добрата соработка меѓу Светиот престол и Франција. Разговорите потоа се фокусираа на важни меѓународни прашања, при што беа разменети мислења за конфликтните ситуации во светот и беше изразена надеж дека мирното соживување може да се обнови преку дијалог и преговори“, соопшти прес-службата на Светиот престол.