Македонско еколошко друштво: Осоговските Планини конечно препознаени како национално богатство и соодветно заштитени


Одлуката на Владата Осоговските Планини да станат првиот заштитен предел (заштитено подрачје од категорија V) претставува круна на 14-годишната работа на Македонско еколошко друштво, со поддршка на низа партнери и донатори, домашни и странски експерти како и соработката со Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање, истакнаа од Македонското еколошко друштво.

Македонско еколошко друштво ги поздрави напорите на сите засегнати страни во процесот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата „заштитен предел“ кои конечно вродија со успех.

– Конечно вредностите на Осогово се препознаени и станаа наше национално богатство. Ова е првиот чекор кон вистинска заштита на подрачјето. Му честитаме на идниот управувач ЈП „Национални Шуми“ и се надеваме дека истиот вредно ќе работи кон одржување и зачувување на природните вредности на Осоговските Планини. Сметаме дека локалното население ќе има со што да се гордее и што да остави на идните генерации, изјави Деспина Китанова од Македонско еколошко друштво, која е вклучена во процесот за заштита на Осогово од 2006 година.

Имено, иницијативата Осоговските Планини да се истражат и да се стават на картата на заштитени подрачја МЕД ја започна во 2006 година, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво (Германија). Потоа следеа проекти поддржани од ПроНатура, (Швајцарија), Еуронатур и Германската агенција за животна средина (ДБУ) (Германија), дел од нив спроведувани прекугранично во соработка со Бугарската фондација за биодиверзитет (ББФ).

Уникатните предели на Осогово беа валоризирани од професорот д-р Љупчо Меловски, долгогодишен претседател на МЕД, што ја дефинираше и категоријата на заштита – заштитен предел.

Од 2011 година во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), координиран од Фармахем, се започна со спроведување на еколошка гап анализа и карта на еколошка сензитивност со која беа идентификувани идните подрачја за заштита во источна Македонија, а меѓи кои Осогово зазема централно место. Во периодот 2017-2020 преку Програмата, а со локална експертиза на Македонско еколошко друштво, се изработи

Студија за валоризација на природните вредности на Осоговските Планини со предлог заштита во категоријата „заштитен предел“, со што процесот за заштита се забрза. Процесот за вклучување на засегнатите страни во регионот траеше од 2018-2020 година, а во август се спроведе и јавна кампања за прогласување на Осогово за заштитен предел. Oсобена поддршка во целиот процес за вклучување на засегнатите страни и лобирање за заштита на подрачјето дадоа општините од Осоговијата и Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, Програмата ја поддржува изработката на План за управување за Осоговските Планини и овозможува дополнителна поддршка на заштитеното подрачје во насока на обезбедување на негова одржливот.

– Се надеваме дека оваа одлука на Владата ќе повлече разрешница и прогласување на други заштитени подрачја во земјата, кои исто така долги години чекаат правна и суштинска заштита, а чии вредности во меѓувреме се изложени на различни притисоци, посочија од Македонското еколошко друштво.