Македонскиот диломатски синдикат бара отфрлање на измените на Законот за надворешни работи


Фото: Б. Грданоски

 Македонскиот дипломатски синдикат изразува големо незадоволство поради најновиот предлог на група пратеници за измена на постојниот Закон за надворешни работи и бара негово итно повлекување или отфрлување.

– Сметаме дека во ситуација кога МНР е во завршна фаза на изготвување предлог-текст на нов Закон за надворешни работи, не е целисходно, ниту сериозно да се пристапува кон измени на Законот за надворешни работи „парче по парче”, по брза постапка. Секој нов предлог текст на закон, согласно процедурите, најпрвин треба да помине на увид кај раководните и синдикалните структури во МНР, а потоа по транспарентното разгледување и евентуално усвојување дополнителни коментари и предлози, постапката да продолжи во Владата и на крај, Собранието. Предупредуваме дека релевантните инстанци во МНР кои се најстручни за оваа материја се флагрантното прескокнати и тоа никако не може да биде во интерес на донесување интегрирано, квалитетно и издржано законско решение. Овој предлог од околу му се наметнува на Министерството за надворешни работи, кое би требало да живее со овој закон. МДС бара донесување Закон во чие изготвување на транспарентен начин ќе учествуваат дипломати, односно Закон за надворешни работи „од дипломати – за дипломати”, се вели во денешното соопштение од Македонскиот дипломатски синдикат.

Од овој синдикат укажуваат на фактот дека поднесениот Предлог за измена на постојниот Закон за надворешни работи е во спротивност со член 4, став 1, алинеа 2 од Законот за класифицирани информации.

– Имено, по природа на својата работа, амбасадорите како луѓе од врвна доверба во времето на својот мандат мора да поседуваат личен безбедносен сертификат со највисок степен на класификација на доверливи информации. Имајќи предвид дека согласно Законот за класифицирани информации кој беше донесен во декември минатата година, неопходен предуслов е кандидатот „за безбедносен сертификат со степен Државна тајна да не е државјанин и на друга држава”, од тука јасно произлегува дека лице кое покрај македонското поседува и второ, странско државјанство, нема можност да добие безбедносен сертификат, а со тоа ниту да ја извршува функцијата амбасадор, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.

Оттаму апелираат, како што се потенцира во соопштението, да не се пристапува кон паушални и парцијални промени на Законот за надворешни работи, особено со релативизирање на условите за стаекнување звање амбасадор во време кога масовно се оспоруваат националните атрибути на државата и нашиот јазик. На македонската дипломатија, додаваат од Синдикатот, и е потребен Закон што ќе овозможи модернизирање на македонската дипломатија, како едно од најсилните средства за меѓународно промовирање на земјата.