Македонски иновации прогласени за најиновативни на регионално ниво
E3(Ефикасен, еколошки, економичен) велосипед како идеја, својот зачеток го доби на годинашнава едукативна работилница „Hi – Tech Enterpreuneurship” во Патрас, Грција. Идејата која беше оценета како најиновативна на настанот е дело на Викторија Бежовска, магистрант на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и на нејзиниот тим. Идејата за пречистување на реките од цврст отпад „Riversave”, дело на Нино Ристески, дипл. инженер за животна средина на Машинскиот факултет во Скопје исто така беше оценета за најиновативна на обуката за животна средина во Драч, Албанија. Претставувањето на Македонија го овозможи Центарот за управување со знаење од Скопје кој беше партнер во проектот „Образование за идеи, пронајдоци и иновации за претприемништво“ во кој учествуваа 50 претприемачи од 5 држави.
Свеченото завршување на проектот „И3“ (идеи, инвенции и иновации) беше означено со саем и конференција одржани во Софија, Бугарија. Во проектот „И3“, кој траеше две години, освен Центарот за управување со знаење, беа вклучени уште четири партнерски организации од Бугарија, Грција, Албанија и Кипар. Проектот беше поддржан од Интерег Балканско Медитеранската програма 2014 – 2020 на Европската унија. Негов приоритет беа претприемништвото и иновациите преку промовирање на регионалниот развој, соработка и поддршка на конкурентноста на Балканско – медитеранската област преку развивање, воспоставување и промовирање на модел за претприемачко учење и трансфер на знаење за студенти и претприемачи.
„Во текот на дводневниот саем и конференција во Софија, секоја земја партнер во проектот „И3“ на уникатен начин ја претстави областа за која беше задолжена. Пред присутните инвеститори кои поддржуваат иновации, научниците и пред останатите присутни, ние од Центарот за управување со знаење ги претставивме информатичките технологии. Кипарскиот институт за менаџмент беше задолжен за енергијата, искуствените индустрии беа покриени од нашиот партнер од Бугарија, животната средина и еко индустријата од страна на албанскиот партнер и на крајот технологијата од грчкиот партнер. Во овие пет тематски области го имплементиравме И3 моделот на обука, односно идеи, инвенции и иновации“, изјави д-р Андријана Богдановска, директор на Центарот за управување со знаење.