Македонска берза изготви Водич за трансформација и раст преку пазарот на капитал
Македонска берза АД Скопје ја реализира иницијативата „Август – месец на подготовки за пазарот на капитал“ (Capital Market Readiness Month), насочена кон домашните компании кои сакаат подобро да ги разберат можностите што ги нуди пазарот на капитал како извор на финансирање за нивниот иден раст и развој. Во рамки на иницијативата подготви „Водич за трансформација и раст на бизнисите“, со цел на компаниите да им обезбеди јасен и практичен преглед на чекорите, можностите и придобивките од користењето на пазарот на капитал како поддршка за нивниот развој.
Водичот, како што велат од Македонска берза, на едноставен начин ги објаснува различните модели преку кои компаниите можат да обезбедат средства за раст – преку издавање акции, корпоративни обврзници, како и клучните аспекти поврзани со трансформацијата на компанијата, подготовката за котација на берза и унапредувањето на корпоративното управување.
Наменет е за сопственици, менаџери и компании кои размислуваат за следната фаза од својот развој – нов инвестициски циклус, проширување на бизнисот, обезбедување долгорочен капитал или подобрување на својата подготвеност за идно пристапување до пазарот на капитал.
Покрај Водичот, во текот на август Македонска берза организира бесплатни индивидуални консултативни состаноци за компаниите кои сакаат дополнително да разговараат за можностите што ги нуди пазарот на капитал, вклучително и за Проектот за поттикнување и подготовка на македонски компании за пазарно финансирање, кој се реализира во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
На овие средби компаниите имаат можност да добијат дополнителни информации од претставници на Берзата за можностите за финансирање преку IPO, корпоративни обврзници и други инструменти, како и за активностите во рамки на проектот.