Македонија се уште не тестира за омикрон
Сојот омикрон галопира во европските земји, а Британија го пријави и првиот смртен случај на заразен со оваа варијанта од вирусот. Во Македонија засега нема детектирани случаи, зашто нема епидемиолошки причини за да се тестира токму овој сој. Но, Светската здравствена организација предупреди дека омикрон се шири со голема брзина и дека само вакцините не се доволни да ги заштитат земјите од кризата.
Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, доктор Милена Стевановиќ, за „Слободен печат“ вели дека засилувачката доза е апсолутно препорачлива за заштита од омикрон.
– Трета доза апсолутно се препорачува по шест месеци од втората доза. Препораката за вакцинирање е најмалку еден месец по прележан ковид-19. Треба сите да се вакцинираат и на таков начин да се минимизираат можностите за инфекција, без разлика за кој сој станува збор, вклучително и омикрон – ни рече доктор Стевановиќ.
Директорката додава дека во болницата досега не биле забележани пациенти со нетипични симптоми и затоа не се испратени материјали на секвенционирање во ИЈЗ или во МАНУ. Досегашните индиции се дека омикрон го нема во земјава, но потврдата дека сомнителен брис содржи омикрон, бара целосна генетска анализа, која понекогаш одзема 10 до 14 дена.
– ИЈЗ и МАНУ имаат систем за следење на соевите со земање примероци за секвенционирање. Ние испраќаме примерок само кога ќе забележиме промена, не секогаш таа е резултат на нов сој. Може да има пациент што бил во епидемиолошки ризик, на пример, патување или контакт со друг човек од ризично подрачје, но по дифолт не испраќаме примероци за откривање, таа обврска ја има ИЈЗ – додава доктор Стевановиќ.
Британските експерти велат дека новата варијанта се шири четирипати побрзо отколку делта варијантата и дека може да го потисне сојот делта до Божиќ, создавајќи големи бранови на инфекција. Неколку клинички студии веќе покажаа дека неутрализирачките антитела од вакцината кога ќе се соочат со омикрон опаѓаат драстично, што значи дека повеќе луѓе може да се инфицираат и да го шират вирусот. Се очекува вакцините да штитат од сериозна клиничка сика, а бустер-дозата придонесува за највисок степен на заштита. Тестот во приватните лаборатории во земјата само покажува дали пациентот е позитивен или негативен, без прецизирање на варијантата на зараза.