Македонците во Македонија – 58,48 проценти, Албанците 24,3 отсто

 За споредба во 2002 година во Македонија имало вкупно 2.022.547 жители, од кои 1.297.981 Македонци (64,17 отсто) и 509.083 Албанци (25,17 отсто)


Директорот на ДСЗ, Апостол Симовски, ги претставува резулатите од пописот (Фото: Б. Грданоски)

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски оцени денес дека успешно и  професионално е спроведен пописот во 2021 година и дека податоците се објавуваат во рекорден рок. Според него вкупниот број на жители е 2.097.319 лица, од кои резидентни 1.836.713 лица. Вкупно  нерезиденти се  260.606 лица. Од резидентните лица  58,44 се изјасниле како Македонци, а  24,3 како Албанци, додека 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 0,94 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци. 

За споредба во 2002 година во Македонија имало вкупно 2.022.547 жители, од кои 1.297.981 Македонци (64,17 отсто) и 509.083 Албанци (25,17 отсто). Како што соопшти Симовски, вкупниот број на резидентни жители се намалил за околу 185.834 или 9,2 отсто, или како што прокоментираа некои – за 20 години Македонија изгубила две Куманова. Пад има кај сите етнички заедници, но тој е најголем кај тие што се изјасниле како Македонци според етничко потекло.

„Податоците исто така покажуваат дека од вкупно попишаните лица, резидентни и нерезидентни,  54,25 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 Турци, 1,18 се изјасниле како Срби, 0,87 се Бошњаци, а 0,34 отсто се Власи, информираше директорот на Државниот завод за статистика“, Апостол Симовски.  

Од нерезидентното население, пак, што значи македонски граѓани кои надвор од државата повеќе од 12 месеци и странци кои се во земјава помалку од 12 месеци, 24,45 отсто рекле дека се Македонци, а 66,36 Албанци, 4,79 се изјасниле како Турци, 1,02 Роми 0,19 Власи, а 0,35 Срби. 

Наспроти лицитирањата од Софија, пописот исто така покажа дека во државата само 3.504 луѓе се изјасниле како Бугари или 0,19 0тсто, а 344 како Југословени. 

Од другите податоци Симовски објави дека од вкупниот број на населението 50.4 % се жени, а 49.6 % се мажи. Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 % – се во возрасната група од 40-44 години. Куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.

Претставувањето на резултатите беше во Филхармонијата (Фото: Б. Грданоски)

Според религиската припадност 46.14 % се изјасниле како православни, 32.17 % како муслимани (ислам), 0.37 % како католици, а во овој попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се: евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.

Вкупно 61.38 % од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 % албански мајчин јазик,3.41 % турски, 1.73 % ромски, 0.17 %, влашки, 0.61 % српски и 0.85 % босански јазик. Бројот на домаќинства изнесува 598 632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06.

Куриозитет е исто така дека во Скопје се регистрирани дури 526.502 жители, а вториот најголем град во државата, Куманово, има само 98.104  жители. Споредено со 2002 година, бројот на жители во главниот град пораснал за околу 20.000. Интересно е исто така дека во споредба со  пописот од 2002 година, бројот на станови во Македонија е зголемен за 141.031 или за 20,2 проценти, а само во Скопје тој број пораснал за 50.105, што е зголемување од 30,6 отсто за две децении. 

Последниот попис во Македонија се одржа пред цели две децении, во 2002 година. Пописот во 2011 година беше прекинат поради политички несогласувања. Во јавноста остана впечатокот дека со прекинот на пописот било избегнато нереално „штелување“ на етнички проценти.

Податоците беа објавени во салата на македонската Филхармонија, пред претставници на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот, Грција, Словенија, Хрватска, Чешка и други, откако претходно им беа доделени благодарници на институциите кои придонеле за успешното спроведување на статистичката операција.

Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики – дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира?  Пред неговото одржување се организираа политички кампањи за да биде бојкотиран, па и имаше јавни повици од Левица граѓаните да не отвораат врата на попишувачите, наводно бидејќи власта подготвувала фалсификат на податоците.

Во изјавата по презентацијата Симовски оцени дека бојкотот не бил единствениот фактот што влијаел на бројот на попишани граѓани , туку повеќе влијаеле и стравот  од корона вирусот и фактот дека заради пандемијата се пролонгираа годишните одмори.

– Да бидеме реални. Полни беа плажите во тој период. Имавме и ковид, многу луѓе беа исплашени и не отвораа врата, рече Симовски, додавајќи дека тоа било причината зошто дополнително беа отворени специјални пунктови. 

Сепак, тој потврди дека повиците за бојкот направиле штета, но не успеале да го запрат или уништат  пописот. Како што соопшти притоа, со пописот не биле опфатени директно 132.260  луѓе, а податоците за нив се црпеле од други извори, односно податоците кои ги имаат институциите. Затоа за нив графите за етничка припадност, мајчин јазик и за вероисповед во резултатите од пописот се празни. 

-Во ниедна база нема податок за етничката припадност. Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик, јазикот кој се говори во домаќинството и чувството за вероисповед ќе ги нема. Тие се празни, рече Симовски.

Околу неговата изјава пред извесно време  дека знае оти ќе биде државен непријател кога ќе се објават податоците, а еве денеска сѐ е во ред,  тој рече дека бил погрешно разбран но сепак и се извини на јавноста.

– Ако некој има одредени очекувања и не му се исполниле со објавување на податоците, секако оекувано е да не напаѓа – ја објасни  Симовски изјавата.