Лозарите со различни оцени за откупот на грозјето по средбата со Владата
Дел од лозарите се задоволни од исходот на денешниот состанок со владините претставници, а дел сметаат дека се ниски цените што ги нудат откупувачите.
Од здружението „Напредни лозари“ се задоволни од понудените решенија и сметаат дека не е време на штрајкови.
– Четири денари од државата и 11 по килограм „вранец” од откупувачите, значи дека сме постигнале цена од 15 денари или за „смедеревка” четири плус 9, се добива ланската цена од 13 денари за килограм. Се понуди и можност за стимулации за сите откупувачи за извоз – од два, три и четири денари по килограм. Така ќе се направи конкуренција за самите винарии да размислат што прават со откупните цени. Тоа е добра идеја што треба да се практикува и во иднина, изјави Трајче Кулев, претседател на здружението „Напредни лозари“.
Поинаков став имаат од здружението „Лозароовоштари“.
– Државата се согласува да даде по четири денари за килограм грозје, но ниски се цените кои ги нудат откупувачите. Кажавме 11 со 13 денари за ,„смедеревка” и „вранец” и од тоа не отстапуваме. Или ќе постигнеме договор или ќе блокираме винарска визба, изјави претседателот на здружението Златко Стојчев.
За градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, лозарите и винарите треба да најдат заеднички јазик и заедно со предлозите од Владата, да се откупи грозјето од годинашната реколта.
– Евентуални блокади би биле само на штета на лозарите и државата. Не се штрајкува кога е време за берба, грозјето не може да стои и да чека. Ако сака да се направи штета, тоа е меч со две острици. Треба да се прилагодиме кон реалните услови на пазарот во услови на пандемија кога сите се засегнати. Грозјето е стратешки производ и затоа годинава државата излегува со екстра поддршка за лозарите, изјави Јанчев по состанокот во Кавадарци.