Лидерската позиција на Мицкоски на тест во декември


На 12 декември во Скопје ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен паркиски конгрес на кој ќе се трасира патот за идното делување на партијата, соопшти членот на Извршниот комитет (ИК), Драган Ковачки.Датумот за конгресот е утврден вечерва на седницата на ИК која се одржува во партиското седиште. На конгресот ќе се избира и лидер со оглед на тоа што мандатот на Христијан Мицкоски истекува кон крајот на декември.

„Очекуваме претседателот да биде кандидат на претстојниот конгрес согласно резултатите кои ги покажавме на последните локални избори“, рече Ковачки.

И потпретседателот на партијата, Александар Николоски, зборувајќи за претстојниот конгрес во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, рече дека Христијан Мицкоски ја има неговата целосна поддршка за реизбор на чело на партијата.

Покрај за конгресот и за партиските прашања, на седницата на ИК се разговарало и за актуелната општествено политичка состојба во државата, за што Ковачки истакна дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти брзи избори се единственото решение за излез од кризата, бидејќи владата на Зоран Заев и СДСМ немаат кредибилитет по резултатите на локалните избори.

„Извршниот комитет смета дека актуелната влада го загуби кредибилитетот од граѓаните и волјата на народот е јасно изразена на последните избори кои СДСМ ги загуби со над 100.000 гласови разлика. ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини плус градот Скопје, што претставува историски најдобар резултат на која било опозициска партија во Македонија. Тоа за нас претставува полна одговорност за оправдување на очекувањата на граѓаните и посветена работа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе започнаа со промените. Резултатот од изборите е јасна порака дека народот бара промени во централната власт, народот е незадоволен од тешката економска криза, растечката инфлација, како и континуираните неуспеси и потфрлањето на планот на европските интеграции“,рече Ковачки.

Во вечерашното гостување на ТВ24, Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека сегашниот претседател на партијата, Христијан Мицкоски можеби ќе биде единствениот кандидат за втор мандат за претседател на партијата.

„Со оглед на последните резултати на локалните избори каде извојувавме убедлива победа, не гледам причина зошто Мицкоски не би останал да кормилото на партијата и да го искористи и вториот мандат“, рече Стојановска.