Левица: Хермелините не издржаа ни 24 часа, се расипаа пред да „видат“ пожар


Левица тврди дека еден од хермелините со кои требаше да се гасат пожари во Македонија, а кои покренаа лавина реакции, веќе се расипал и пред да „види“ пожар.

-Не поминаа ни 24 часа од како премиерот Христијан Мицкоски и неговиот верен партнер во ПР-експедиции, Стојанче Ангелов, гордо позираа покрај „новите“ хермелини за гаснење пожари, а машините веќе се расипаа и отидоа на сервис. Видео што денес кружи по социјалните мрежи прикажува како еден од „адаптираните“ хермелини го влечат, на пат кон поправка и тоа пред да види пламен.

Хермелините, инаку стари армиски возила адаптирани за шумски пожари, беа претставени како пресврт во капацитетите за справување со огнови. Слушнавме фрази како „висока проодност“, „отпорни на терен“, „спремни за лето“. Очигледно, не и за втор ден.

Колку чини овој ПР циркус со дефектна техника? Колку „адаптација“ всушност подразбира ставање боја и налепница? И колку долго ќе не убедуваат дека се работи за голем чекор напред, додека ние гледаме како уште еден хермелин оди не во бој, туку во сервис?

Ова не е само уште една бламажа. Ова е симптом на државата што функционира како претстава. Кога ќе избие пожар, не излегуваат екипи со опрема, излегуваат камери. Наместо стратегија за заштита, добиваме видео за Фејсбук. Наместо функционална техника, гробишта од амортизирани возила кои се бојадисани за ПР.

А, во меѓувреме, шумите ќе горaт, граѓаните ќе дишат чад, и пожарникарите ќе се борат со кофи вода, додека хермелините лежат на боледување, или на ментално рехабилитирање од вчерашното фото-снимање.

Сите знаеме што следува. Прес-конференција, со објаснување од типот: „Технички дефект кој не ја нарушува функцијата“. Стојанче ќе каже дека е нормално техниката да се расипе. Мицкоски ќе обвини дека некој „од претходната власт“ не ставил уље во менувач. А можеби ќе набават и хеликоптер од 1983-та со нова шминка и ќе го промовираат како „антипожарна иновација“.

Во Македонија, спасителната опрема не мора да работи, доволно е да изгледа добро на слика. А народот, наместо заштитен, останува изгорен и буквално и метафорично, реагираа од Левица.