Ленче Ристоска размислува да не се кандидира повторно за судија во Стразбур


 Обвинителката Ленче Ристоска размислува да не се кандидира на повторниот конкурс за избор на судија за Судот за човекови права во Стразбур – за да не и даде легитимитет на оваа постапка. Таа во интервју за „Призма“ соопшти дека побарала јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност и бидејќи не ги добила – ќе поднесе тужба за клевета.

-Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано.

Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. А дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата.

Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот“, рече Ристоска за Призма.

На 25 август ќе се договара терминот за нов оглас за избор на судија во Европскиот суд во Стразбур. Како член на новата Комисија, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски верува дека се ќе заврши на време. Тројцата кандидати кои „не беа по мерка на Владата“ имаат право пак да се кандидираат.

„Јас не гледам пречка, ние кога ќе го распишеме огласот, следува втората фаза – евалуација и интервјуа како што е наведено во одлуката. Треба да ги запазиме роковите бидејќи мандатот на нашиот судија завршува во фебруари. Јас мислам дека до крајот на годината не е невозможно да се направи тоа. Како член на комисијата ќе инсистирам да одиме чекор по чекор. Претходната комисија не ги упатила до советодавното тело на Советот на Европа предложените кандидати и покрај тоа што и во нивната одлука стоело тоа како обврска, тие ги предале директно до Владата. Јас ќе инсистирам новата комисија, пред предлозите да бидат доставени до Владата, да се достави до советодавното тело на Советот на Европа на мислење“, вели Костадиновски за РСЕ.

Кандидатите кои не беа „по мерка“ на Владата, а беа избрани од минатата Комисија се обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.