ЕПП ќе биде и натаму најсилна партија во ЕП, Лајен се подготвува за славење
Европска народна партија (ЕПП) чиј кандидат за нов мандат за претседател на Европската комисија е Урсула фон дер Лајен, се движи кон победа на изборите за Европскиот парламент, покажуваат првичните резултати што ги објавија германските радиодифузери АРД и ЗДФ.
ЕПП би можела да заврши со околу 181 од вкупно 720 места во новиот состав на Европски парламент, што е стабилен резултат во споредба со изборите во 2019 година кога освои 176. Резултатот ги зајакнување шансите на Фон дер Лајен за уште еден мандат како претседател на Европската комисија.
Втора најсилна група и во новиот парламентарен состав остануваат централно-левичарските социјалдемократи, кои би можеле да завршат со околу 135 пратеници. По нив ќе бидат либералите, со освоени меѓу 81 и 87 места, што е дваесетина пратеници помалку од досега.
Екстремната десница Идентитет и демократија (ИД) ќе добие околу 70 места, а помалку радикалната, но евроскептична група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) ќе има нешто помалку од 80 пратеници.
Зелените ќе забележат значителен пад, со освоени помалку од 60 места во Европскиот парламент.
Во новиот состав на ЕП пратеници ќе има и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која ќе биде претставувана како независна партија, бидејќи непосредно пред европските избори беше исклучена од групата ИД. Генерално, десничарските партии веројатно ќе постигнат најголем изборен успех досега.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен даде куса изјава на прес-конференција во партиското седиште на ЦДУ во Берлин, веднаш по затворањето на гласачките места во Германија.
„Ние сме најсилната политичка сила во тешки времиња“, рече фон дер Лајен.
Таа, исто така, им се заблагодари на Мерц и на лидерот на Христијанско-социјалната унија Маркус Содер за одличната кампања.
„Сега мораме да го направиме тоа повторно во Европа“, рече таа, „но јас сум уверена дека ќе успееме“.
Кога таа ја даде својата изјава, не беа затворени сите избирачки места во европските земји. Но, кога емитувањето заврши, нејзиниот микрофон беше сè уште вклучен неколку секунди – се слушаше како му кажува на својот тим: „Сега е време за славење. Колку што е можно повеќе.”
Генерално, екстремната десница постигна значителни резултати во Германија и во Австрија, кои ѝ се придружуваат на Холандија покажувајќи дека се случува очекуваната промена надесно во Европскиот парламент, пишуваат светските медиуми.
Ако се потврдат овие резултати сосема, сегашната голема коалиција, ЕПП, Социјалистите и Обнова ќе имаат вкупно 398 места во ЕП. Во моментов, тие три групи имаат 417 европратеници во помал парламент со 705 места. На Урсула фон дер Лајен и требаат 361 глас за да добие втор мандат како претседател на Комисијата (ако ја изберат националните лидери на ЕУ), но нема да ја поддржат сите партии во големата коалиција. Вообичаено, поддршката може да се намали од 10 до 15 проценти од мнозинството, што значи дека бројката од 398 е далеку од здрава бројка. Десничарските групи забележаа пораст на поддршката, при што европските конзервативци и реформисти се очекува да освојат 71 европратеник а „Идентитет и демократија“ – 62. Зелените паднаа на 53 места, а Левицата на 34. Има 102 неврзани европратеници во ова проекција.
Новиот Европски парламент веројатно ќе биде „поладен“ во однос на политиките за справување со климатските промени додека ќе ги поддржува мерките за ограничување на имиграцијата во ЕУ.Парламентот, исто така, би можел да биде пофрагментиран, јавува Ројтерс, што би го направило усвојувањето на која било мерка посложено и побавно, бидејќи ЕУ се соочува со предизвици, како на пример Русија и зголеменото индустриско ривалство од Кина и САД.