Лабовиќ поднесе оставка од Советот за реформи во правосудството


Професорот Миодраг Лабовиќ поднесе оставка и веќе не е член на Советот за реформи во правосудството. Оставката ја поднел усмено на вчерашната седница, а денеска ја испорати писмено и до медиумите.

Како што објаснува, оставката ја поднел од морални причини, заради неможноста за одвивање на вистинска дебата во која со рационална конфронтација на аргументи ќе бидат утврдени најоптималните стратешки насоки во заклучоците од работата на Советот.

Во рамките на Советот веќе подолго време барал ревидирање на Стратегијата за реформи во правосудството Но, неговите предлози биле отфрлани, а министерката за правда, Рената Дескоска која претседава со ова владино тело му образложувала дека секое ставање на уставни измени во стратешка насока можело само дополнително да го обремени процесот на преговори со ЕУ при отварање на поглавјата и да ни создаде непотребни тешкотии,имајќи го предвид фактот колку тешко одат преговорите со опозицијата за обезбедување двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство.

Оставката доаѓа во време кога се водат преговори меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство, откако Специјалното јавно обвинителство згасна и сега сите предмети се во редовното обвинителство. Лабовиќ ја повикува власта да обезбеди мнозинство за овој закон исто како што го обезбеди за уставните измени.

„Актуелната влада има искуство за обезбедување двотретинско мнозинство кога беше во прашање промена на уставното име. Зошто не би се обидела и сега, за прашања кои се од многу повитален национален интерес на најголем дел од граѓаните на Македонија, ако се знае дека целта на овие уставни измени е значително подобрување на владеењето на правото, како најбитен предуслов без кој што не може да се
решат сите други наши најголеми општесвени проблеми, пред се` во економијата, здравството, екологијата, образованието, медиумите, социјалата, меѓуетничките односи и сите други сфери од јавен интерес“, пишува Лабовиќ во оставката.

За него е неприфатливи, главните чинители да се залагаат за длабоки реформи во судството, а да носат само процедурални закони.