Купувам домашно кликната 3.745.921 пати, а 194.192 граѓани веќе се осигурале дека добиваат платежна картичка


Интернет страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk до сега била кликната 3.745.921 пати, 194.192 граѓани веќе се осигурале дека ги има во евиденцијата, рече денес на прес конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој исто така додаде дека имало 1.129.181 уникатни посети на страницата, што значи дека во просек секој граѓанин кој ја отворил страницата, тоа го направил повеќе од три пати.

„Од тоа има 194.192 проверки со добитен матичен број, односно ова се граѓани добитници на домашна платежна картичка и до сега тоа го провериле на самата интернет страница“, рече Заев.

На оваа страница ( www.kupuvamdomasno.gov.mk) граѓаните може да проверат дали се во една од неколкуте групи за кои Владата предвиде финансиска поддршка како дел од третиот сет мерки.

За таа цел парите (27,8 милиони евра) се префрлени кај банките и тие веќе имаат отпечатено околу 50 илјади картички. Заев потсети дека до 18 јули вкупно 324.479 граѓани ќе треба да ги добијат домашните платежни картички со кои ќе можат да купуваат домашни производи и на тој начин да ја помогнат домашната економија и домашните компании. Тој очекува распределбата на картичките да заврши пред рокот.

Како што е познато корисници на домашната платежна картичка се граѓани со низок доход, односно 115.927 лица – приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Корисници се и вработени со низок доход кои се 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.

Домашна картичка добиваат млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

Домашна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници ангажирани во справување со Ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19. (М.Ј.)