Куќата на Ел Чапо ќе се извлекува како награда на државна лотарија


Владата на Мексико ja става на лотарија куќата на наркобосот Хоакин Гузман, попознат како „Ел Чапо“, кој сега отслужува доживотна казна затвор во американски затвор со висока безбедност. Токму од оваа куќа во Кулијакан, во северо-западната мексиканска држава Синалоа, нарко босот побегна од апсење во 2014 година, преку тунел под подот на бањата, кога упаднаа мексиканските маринци. Подоцна беше фатен и екстрадиран во Соединетите американски држави, каде што отслужува доживотна казна.

Куќата е меѓу многуте имоти што ќе се најдат како награди што ќе бидат извлекувани во специјалната лотарија која ќе се одржи во септември, заедно со 248 други имоти  во вредност од 12,5 милиони долари. Многу од предметите се конфискуван имот на криминалци и корумпирани поранешни службеници, запленети од Институтот за враќање на украдената стока на народот.

Куќата, вредна околу 184.000 американски долари, има бела фасада и однадвор не изгледа луксузно. На 16 февруари 2014 година, Гузман избега низ подземниот систем за одводнување на куќата, но шест дена подоцна беше фатен во градот Мазатлан, исто така во Синалоа.

Гузман беше испратен во врвен безбедносен затвор во 2015 година, но избега од таму. Недопирливиот нарко бос конечно беше уапсен во 2016 година, а следната година беше екстрадиран во САД, каде што беше осуден на доживотен затвор две години подоцна.

Претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор се обиде претходно да ги истави имотите на аукција ветувајќи дека ќе ги искористи парите за образование и други приоритети, но тој план не помина.Покрај куќата на Гузман, во томболата е и замок во Педрегал, јужно од Мексико Сити, што му припаѓаше на поранешниот водач на картелот Хуарез, Амадо Кариљо, што се проценува дека вреди околу 3,8 милиони американски долари.