Кругот се затвора околу Ѓоковиќ – без вакцина не ќе може да игра ни во САД ни во Шпанија
Претстојат неизвесни денови во кариерата на најдобриот светски тенисер доколку тој и натаму одбива да се вакцинира. Откако по усвоените законски измени во Франција изгледа дека ќе биде многу тешко за Новак Ѓоковиќ да учествува на Ролан Гарос ако не биде вакциниран, таква можност денеска навести и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, за настапите на сите спортисти во Шпанија. Но уште повеќе и да влегува во Шпанија, јави Ројтерс.
За време на прес-конференцијата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Мадрид, Санчез, запрашан дали државата ќе му дозволи на Ѓоковиќ да влезе во Шпанија да се натпреварува, одговори: „Секој спортист што сака да се натпреварува во нашата земја мора да ги почитува здравствените правила на Шпанија“.
Олаф Шолц на прес-конференцијата изјави дека има различни правила во различни земји, но дека „сите ние мора да ги почитуваме, без оглед кои сме“.
Ѓоковиќ има куќа во јужниот град Марбелја и регуларно патува во Шпанија. Таму беше и на крајот на декември и почетокот на јануари и оттаму отпатува за Мелбурн.
На почетокот од декември властите на САД донесоа одлука дека ниту на УС Опен, ниту на другите тениски турнири не може да се учествува доколку не си вакциниран. Покрај УС Опен задолжителната вакцинација ќе биде услов за учество и на мастерс турнирите во Мајами, Индијан Велс и Синсинати.