Кривичниот суд утре ќе решава дали куќниот притвор за напаѓачот на Арсовска ќе стане затворски

Kривичниот суд утре ќе одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје дали куќниот притвор за напаѓачот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ќе го преиначи во затворски. Јавниот обвинител веќе достави предлог до судот за определување мерка притвор поради опасност од повторување на делото и можност за бегство.
Во саботата ОЈО Скопје отвори постапка против две лица по инцидентот во петокот на улицата „Севастополска“ во Чаир, при што физички беше нападната Арсовска. Според обвинителството, првоосомничениот маж, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава.
Инцидентот се случил во присуство на полициски службеници и членови на градската администрација. Откако бил спречен од присутните, со вербални закани се вклучил и второосомничениот, кој дополнително ја ескалирал ситуацијата.
– Со своето однесување, двајцата осомничени предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај присутните лица – соопштија од обвинителството.
За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот.
Со ваквиот предлог на јавниот обвинител не се согласува Арсовска, која место куќен, побара ефективен притвор за напаѓачот.
– Истиот тој суд кој му даде на напаѓачот на новинарот во Визбегово притвор, за командантот од Чаир одреди куќен притвор. Јавното обвинителство ја обжали одлуката на судот за куќен наместо ефективен притвор, за командантов што го пуштија да одмора дома и да планира како да ми го ликвидира семејството – реагира Арсовска.
Во дел од медиумите се појави снимка на која се гледа како машко лице се доближува кон Арсовска, таа оди наназад, а потоа му удира клоца. Од втора снимка, наводно направена од телефонот на Арсовска, се гледа како машкото лице посегнува по нејзиниот телефон со кој таа снима. Арсовска преку нејзиниот фејсбук-профил објаснува дека снимката која е службена тајна и дел од истражна постапка, МВР сами ја лиферувале во медиуми.
– Скратен е делот како ме напаѓа и потенциран е делот каде се бранам, за напаѓачот да го прават жртва. По 3 часа во болница каде бев придружувана од интервентна полиција, ми се констатирани трауми, по што бев во станица и откако ме држеа повеќе од два и пол часа и се обидуваа да ги сменат околностите и изјавата, прашувајќи зошто сум била таму, што мајка сум барала, не сум требала да одам, станав и заминав. Среќа, Основното јавно обвинителство Скопје постапи по доказите и изјавите – пишува Арсовска.
Од МВР ѝ одобрија 24-часовно полициско обезбедување и дека се постапува професионално и согласно со надлежностите во секој поединечен случај поврзан со безбедноста на Арсовска.
Арсовска, преку два последователни статуси на Фејсбук упати и остри критики до Министерството за внатрешни работи и лично до министерот Панче Тошковски, по настаните поврзани со нејзиниот неодамнешен напад.Во првиот статус, Арсовска посочува дека надлежните институции биле предупредени на закани уште пред два месеци, но не презеле мерки за да спречат ескалација на насилството.
„Панче, да постапеше пред 2 месеци по заканите, ништо од ова немаше да се случи. Панче, да доделеше обезбедување пред 2 месеци ништо од ова немаше да се случи,“ пишува Арсовска, додавајќи дека јавноста гледа и разбира кој стои зад целата ситуација: „Гледа народот, има очи, има ум. Браните криминалци.“
Во вториот статус, градоначалничката повторно обвинува за пасивност и непрофесионалност во постапките на полицијата, нагласувајќи дека инцидентот не бил етнички, туку директен напад од, како што ги нарекува, „криминалци“.
„Ова не е етнички конфликт меѓу Македонци, Албанци, Чеси или Марсовци. Ова е конфликт против криминалци, на територија во град Скопје каде МВР се плаши да постапува,“ наведува таа.
Арсовска тврди дека таа и нејзиниот тим биле нападнати и оставени без заштита повеќе од еден час, додека полицијата се двоумела како да реагира.
„Во полициска станица не држевте 2,5 часа со обид да измените околности и после да прашувате зошто не потпишувам записник. Ти да потпишеш таков записник, Панче!“, стои во објавата.
На крај, градоначалничката опишува и дијалог со полициски службеник, кој, по нејзиното потврдување дека била нападната, и рекол: „Мило ми е!“. Таа го завршува статусот со прашањето: „Што ви е мило?“.