Ковачевски во посета на струшката фабрика „Подгорка“


„Подгорка“ има фотонапонска централа со којашто задоволуваат 60 проценти од потребите за струја на фабриката

 

СТРУГА – Фабриката „Подгорка“ е пример како граѓаните со својот труд може да придонесат за изградба на нешто на што државата ќе биде горда, заклучи премиерот Димитар Ковачевски по денешната посета на оваа струшка компанија.

Според него, фабриката, чија главна дејност е производство на месни производи, е направена со врвен квалитет по сите стандарди, што, нагласи, е резултат на знаењето на нашите граѓани, кои работат во државата, со поддршка од Владата и европските фондови.

„’Подгорка‚ е компанија, која во услови на тригодишна криза успешно се развива, расте и инвестира.  Тоа е затоа што има добро менаџирање, но и визија и развој. Со поддршка и услови за работа обезбедени од државата, нема да има за нив недостижни цели“, изјави Ковачевски по посетата на фабриката.

Основна дејност на команијата е производство во месната индустрија, но, како што нагласи премиерот, во време на една од најтешките енергетски кризи успеала да ги намали производствените трошоци благодарение токму на визијата на сопствениците за инсталирање фотонапонска централа со којашто задоволуваат 60 проценти од потребите за електрична енергија на фабриката.

„Имаат план во најскоро време да направат една посериозна инвестиција, односно уште една фотоволтаична централа со капацитет од околу 1,5 мегавати, чиста електрична енергија од сонцето што дополнително ќе ги намали не само нивните производствени трошоци, туку и ќе ја зголеми електричната енергија која што ќе може да се користи и од други корисници во овој регион, рече Ковачевски.

Оваа фабрика, појасни е изградена со средства од европски фондови. Компанијата почнала да работи со десет вработени, а денеска достигнува бројка од 60 вработени.

Сопственикот на „Подгорка“ Мевмед Џемаилоски изрази благодарност за владината поддршка за субвенционирање на електричната енергија што е сериозен проблем во делот на функционирањето на голем дел на произведители на прехрамбени производи.

„Ги охрабрувам претседателот на Владата и министрите да носат вакви похрабри одлуки и во иднина да бидат поприсутни на терен“, истакна Џемаилоски. (МИА)