Договорот со „Бехтел и Енка“ е деловна, а не државна тајна, вели Ковачевски

Премиерот повтори дека според договорот „Бехтел и Енка“ се обврзани да користат 51 отсто од домашната работна сила и механизација


Фото: Б. Грданоски

 

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д не е класифициран како државна тајна, туку станува збор за договор кој има степен на доверливост поради деловни причини, изјави денес на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски. Тој уште еднаш ги повика надлежните институции во државата, како што се Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да се произнесат околу овој договор, но и владите на САД и Турција, во врска со обвинувањата за корупција, кое што во повеќе наврати беше посочувано од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека станува збор за договор како и други договори кои што ги има склучено Јавното претпријатие за државни патишта со приватни компании коишто се изведувачи.

„Во случајов станува збор за проект кој што оди со проектирање и со изведба, и како и секој друг договор има ниво на доверливост, со оглед на тоа што има компании коишто во него наведуваат елементи на кој начин работат и проектираат и коишто како во секој двостран договор, не сакаат такви деловни тајни да бидат достапни на пошироката јавност или пак за конкуренцијата“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека тоа не значи дека таков договор не е достапен до оние кои што имаат право да го имаат согласно со постапките и процедурите во државата.

„Уште пред еден месец ја повикав Антикорупциска комисија да го погледне целиот случај од почеток до крај и исто така го повикав и Јавното обвинителство да го испита целиот случај од почеток до крај. Во моментот кога ЈО ќе го побара договорот, нормално дека тие согласно со процедурите ќе го добијат“, рече Ковачевски.

Тој уште еднаш ги повика и владите на САД и на Турција да кажат дали од нив или од нивни компании во текот на изминатите две години некој нешто барал од оваа држава во однос на овој проект. Тоа, како што нагласи го прави бидејќи опозицијата обвинува дека некој сакал преку овие компании, кои потекнуваат од САД и Турција да оствари одредена корист.

„Државна тајна е сосема друго. Кажав дека секој договор има степен на доверливост кој што се однесува на договорните страни. И врз основа на степенот на доверливост на договорите тие се доставуваат до оние кои што имаат пристап до такви договори“, нагласи Ковачевски додавајќи дека „никој ништо не крие од никого“.

Тој посочи дека договорот бил подготвен врз основа на специјален закон од пратеници и  предложен и усвоен во Собранието. Инаку, според договорот, „Бехтел и Енка“ треба да користат 51 процент ресурси од државата, а остатокот ќе биде од странство.

„Тие на располагање имаат и работници и механизација која што ќе ја донесат од странство, но ќе користат доминантно и механизација којашто стои на располагање во државата, под комерцијални услови со подизведувачи од нашата држава“, рече Ковачевски.

Тој појасни дека обично кога работат вакви проекти, се организираат саеми за домашните изведувачи на кои тие ќе можат да се презентираат, бидејќи треба да исполнат одредени услови во поглед на квалификувана работна сила, во поглед на механизација и откога ќе склучат договори, ќе започнат со работа на сите четири делници од овој проект.

На прашањето дали документите кои ги објавува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски се дел од договорот со „Бехтел и Енка, Ковачевски одговори дека „не видел какви документи објавувал Николоски“, а во однос на класификацијата, дека постои закон за класифицирани документи.

„Повторувам, се работи за комерцијален договор, и како и секој друг комерцијален договор има договорни страни кои што определуваат степен на доверливост на податоците внатре при што двете договорни страни имаат определени технолошки и други претпоставки кои што ги ставаат во договорот и кои што не сакаат да дојдат во достапност на нивни конкуренти и така натаму. Од договорните страни зависи кои делови се доверливи и што е она што може да се достави до јавноста. Но, во државата постојат институции кои имаат овластувања да имаат достап до сите документи. Затоа ги повикав да го испитаат целиот овој случај, бидејќи се работи за најголем инвестициски проект во државата и каде што се обвинети американска и турска компанија дека влегле во некаков аранжман, според претставниците на ВМРО ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека во договорот не се предвидени никакви пенали, но сепак додаде дека доколку од страна на пратениците се усвојат предложените законски измени, ќе се овозможи само за овој проект, кој е стратешки и од национално значење, да има 60 часовна работна недела.

„Што значи дека повеќе пари ќе останат во државата, секој работник кој ќе се согласи доброволно, бидејќи никој нема да биде присилен да работи 60 часа, ќе добие според Колективен договор и Закон за работни односи платено прекувремена работа и плус 50 проценти за работа во недела на основната плата. Тоа ќе значи дека проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку“, рече Ковачевски.

Доколку остане постојното решение со 40-часовна работна недела за сѐ, иако како што посочи, и во моментов има одредени индустрии и дејности кои што работат во недела, тоа ќе значи дека проектот ќе трае подолго и плус ќе биде платена повеќе работна сила којашто ќе биде донесена од странство.

„’Бехтел и Енка’ се имаат обврзано тој автопат да го направат согласно со договор и нема да ја нарушуваат својата репутација да не изградат одреден пат во кој што учествуваат“, рече Ковачевски.

На прашањето зошто измените на законите се предложени од пратеници, а не од Владата, тој одговори дека и специјалниот закон е предложен од пратеници во Собранието, како и дека сите постапки се правени во согласност со тој специјален закон.

„Сметам дека пратениците имаат и доволно знаење и искуство и визија за да донесат законски решенија кои што ќе обезбедат побрзо и поефикасно работење на компаниите проектанти и изведувачи на овој проект за конечно нашата држава да ги добие коридорите 8 и 10 –д“, рече Ковачевски.