Ковачевски не е против пролонгирањето на рокот за вадење лични документи
Премиерот Димитар Ковачевски е свесен за гужвите за нови пасоши и лични карти со уставното име. Тој рече дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот Стево Пендаровски за пролонгирање на рокот до 12-ти февруари.
-Верувам дека и претседателот може да се слушне со претседателката на Грција. Ќе поразговараме на седница на Влада за можноста да се направи тоа. Претседателот Пендаровски најдобро знае бидејќи беше директно вклучен во подготовката на Преспанскиот договор. Зошто да не? – одговори премиерот по отворањето на поликлиниката Сарај.
-Замената на лични документи е согласно Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како и доволен кадровски потенцијал до почетокот на февруари да се заврши оваа операција. Овој состав на владата или техничката влада треба да ги подготви законските измени, по што Парламентот по итна постапка да ги донесе, велат од партијата.
Од Демократски сојуз порачуваат дека евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се разрешат по дипломатски пат.
-Пред шалтерите на МВР се создаваат огромни и неподносливи гужви, каде граѓаните чекаат во колони и по два дена за замена на документите, велат од партијата.
Поради големиот притисок да се стигне рокот и метежите пред пунктовите на МВР, каде што луѓе чекаат со часови во редици, шефот на државата вчера во гостување во ТВ Сител рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција со образложение дека, како што рече, „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.
Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, критиките до институциите се дека иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019-та година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.Така, граѓаните кои вадеа лични документите во текот на 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија. Сега тие одново треба плаќаат за нови документи.