Конференција за одговорноста за човековите права и за нивното унапредување

Конференција на тема „Одговорност за човековите права: Националните одговори на препораките на Народниот правобранител и Универзалниот периодичен преглед за унапредување на човековите права“ денеска ќе се одржи во Скопје во организација на народниот правобранител, со финансиска поддршка од норвешкото Министерство за надворешни работи, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН.
Конференцијата ќе ја отворат народниот правобранител, Насер Зибери, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, заменик министерот за правда Ален Деребан, постојаната координаторка на Обединетите Нации Рита Колумбија и постојан претставник на УНДП Армен Григорјан.
За значењето на Годишниот извештај на Народниот правобранител и спроведувањето на општите препораки во поглед на заштитата на човековите слободи и права, на првиот панел ќе зборува народниот правобранител Зибери. На истиот панел, свои излагања ќе имаат и претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Љупчо Пренџов и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска.
Вториот панел на конференцијата е посветен на Имплементацијата на препораките на Универзалниот периодичен преглед, додека на третиот панел ќе се дискутира за потребата од финансиска и институционална независност на канцеларијата на Народниот правобранител согласно Париските принципи.