Конечно, повторно ќе се полагаат возачки испити во Битола


БИТОЛА – Почнува полагањето на испитот за возачка дозвола во Битола откако повеќе од еден месец беше прекинато поради недоследноста на работата на фирмата Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола.

Од правното лице „Супер возач“ ДООЕЛ Битола кое организира и спроведува испити за возачи на моторни возила за сите категории и национални категории денеска на веб страницата објавија известување за понатамошниот тек на работа на испитниот центар.

„Термини за полагање на одложените возачки испити и информација за прием на нови кандидати за возачи ќе бидат објавени на интернет страницата на АМИЦ Супер Возач Битола. Кандидатите чии испити беа одложени ќе бидат лично контактирани“, стои во објавата на „Супер возач“.

МВР на прашање на „Апла.мк“ одговори дека фирмата „Супер возач“ веќе има позитивно решение за да продолжи со работа.

„Од страна на надлежна Комисија при МВР извршен е увид во правниот субјект „Супер возач’ изготвено е позитивно известување и во текот на вчерашниот ден (16.09.) истото беше испратено до фирмата. Така што се очекува во наредните денови фирмата да почне со непречена работа.“ стои во одговорт на МВР.

Испитниот центар Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола престана да врши полагања за возачки дозволи на 12 август со период до 13 септември со цел да ги реши неправилностите во работењето. Министерот Панче Тошковски завчера изјави дека правното лице ќе продолжи со организирање на полагања за добивање на возачки дозволи.

„МВР донесе забрана за работа во траење од 30 дена, бидејќи неколку месеци од како ја добиле лиценцата не ги испочитувале условите за работа. Кадрите кои претходно работеле во испитниот центар, правното лице ги заменило со нови. Дел од стручните лица немале лекарски уверенија. Испитниот центар не водел соодветна евиденција на луѓето кои што полагале за возачка“, објасни министерот.

Всушност при надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува „Супер возач“ за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит и накрај водењето на неуредна евиденција. (А.Б.)