Компанија на Трамп гради луксузен комплекс вреден 1,32 милијарди евра во Виетнам

Виетнамскиот премиер и Ерик Трамп, син на американскиот претседател Доналд Трамп, вчера одржаа церемонија по повод поставувањето камен-темелник на луксузен станбен комплекс вреден 1,5 милијарди долари (1,32 милијарди евра), со три терени за голф со 18 дупки, во близина на Ханој, главниот град на Виетнам, објави NBC.
Семејната компанија на американскиот претседател, „Организацијата Трамп“ и нејзините локални партнери добија одобрение за проектот дури минатата недела од комунистичките власти во Виетнам, кои истовремено преговараат за царини со Вашингтон.
Премиерот Фам Мин Чин рече дека посетата на Ерик Трамп ги „мотивирала“ да го забрзаат овој проект и ги повика локалните власти да обезбедат максимална поддршка и да го олеснат завршувањето на одморалиштето од еден хектар.
Според NBC, Ерик Трамп денес треба да одржи состанок и со претставници на градот Хо Ши Мин за да разговараат за плановите за можен облакодер во јужниот деловен центар на Виетнам, според интерниот распоред до кој дошол Ројтерс.
Проектите што ќе се развиваат во Виетнам ќе бидат „предизвик за завист на цела Азија и светот“, рече Ерик Трамп, кој е виш потпретседател на Организацијата Трамп. Тој го пофали виетнамскиот партнер, компанијата за недвижности „Кинбак Сити“, и вети дека ќе ја посетува земјата „многу често“.
Соработката, чии услови не беа јавно објавени, „ќе се фокусира на развој на 5-ѕвездени хотели, голф терени на шампионско ниво, луксузни станбени проекти и неспоредливи погодности во Виетнам“, според соопштението на конзорциумот во октомври.
Виетнам требаше да биде погоден со едни од највисоките американски царински стапки, дури 46%, кога претседателот Трамп го објави својот план „Денот на ослободувањето“ за глобални царини на 2 април. Трамп оттогаш го одложи воведувањето на царините за 90 дена, потсетува NBC.
Виетнамските трговски преговарачи се во Вашингтон за да разговараат за компромиси. Досегашните понуди вклучуваат намалување на царините и нетарифните бариери, зајакнување на борбата против трговските измами и фалсификување и дозволување на „Старлинк“, компанија во сопственост на блискиот сојузник на Трамп, Елон Маск, да воведе сателитски интернет во Виетнам.
Организаторите велат дека проектот во Хунг Јен, неколку километри јужно од Ханој покрај Црвената река, брзо добил одобрение од локалните власти.
Организацијата Трамп има луксузни голф проекти, завршени или во изградба, во земји од Индонезија до Блискиот Исток.