Комерцијална банка ќе дели дивиденда од 550 денари за една обична акција


Акционерите на Комерцијална банка ќе добијат дивиденда од 550 денари за 1 обична акција, соопшти банката во најавата објавена на Македонската берза за претстојното Акционерско собрание што ќе се одржи на 2 април.

Согласно Предлог – одлуката на Надзорниот одбор на Комерцијална банка, овој износ е 55 отсто од номиналната вредност (1.000 денари) на акциите на банката. Последниот ден на тргување со право на дивиденда за 2019 година е 21.04.2020 година, а датумот на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право да добијат дивиденда за 2019 година е 23.04.2020 година. Дивидендата за 2019 година ќе почне да се исплаќа на 29 април 2020 година.

Во 2019 година Комерцијална банка оствари добивка пред оданочување во износ од 1.986.752.850 денари. По одбивање на данокот на добивка во износ од 179.997.243 денари останува добивка по оданочување во износ од 1.806.755.607 денари.

„За распределба се предлага износот на нераспределена добивка од 1.806.755.607 денари, и тоа на дел за дивиденда за обични акции и дел за резерви. Вкупниот износ на делот од добивката за имателите на обични акции се предлага да изнесува 1.253.486.850 денари“, се вели во Предлог – одлуката доставена до акционерите.

Надзорниот одбор на банката предлага од добивката да се издвојат 553.268.757 денари за резерви. Како што се нагласува во Предлог – одлуката тоа е во согласност со стратешките определби на Банката за одржување на вредноста на капиталот и негово зголемување преку политика на издвојување на дел од нето-добивката за резерви и претставува понатамошно зголемување на нивото на вкупен капитал заради понатамошен раст на Банката.

На последното тргување во петокот, акциите на Комерцијална банка на Берзата достигнаа максимална цена од 7.250 денари, а најниската постигната цена беше 7.013 денари. Во 31 трансакција беа истргувани 689 акции, при што беше остварен промет од 4.867.695 денари. Според берзанските податоци, во последните 52 недели максималната цена на акциите на Комерцијална банка беше 7.702 денари, а најниската постигната на берзата беше 5.151 денари.

Пазарната капитализација на банката на крајот на минатата година беше 15.151.237.000 (околу 246,3 милиони евра).