Комеморација за Луан Старова: Македонската култура загуби неповторлив автор, брилијантен интелектуалец и голем хуманист

Според академикот Влада Урошевиќ, Луан Старова е творец кој на литература и науката досегна резултати кои се прифатени како исклучителни, не само во нашата средина, туку во еден мошне голем опсег кој можеме слободно да го наречеме европски и светски


Фото: Б. Грданоски

Провлекувајќи ги линиите на судбините на своите претци, низ балканските и европски простори, Луан Старова ја афирмира постојано, безрезервно и со длабока убеденост идејата за толеранција, национална, верска и културна припадност. Во идеите на Старова преовладува уверувањето дека вистината и правдата не се сопственост на ниту една вера и на ниту една нација, туку дека единствената можност за соживот на еден простор лежи во заемното разбирање. Всушност, и една од централните теми за кои пишува е балканскиот хронотоп.

Ова беше истакнато од колегите од Македонската академија на науки и уметностите (МАНУ), Друштвото на писателите на Македонија и Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кои денеска на комеморативна седница се простија од реномираниот писател и академик Луан Старова.

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во своето обраќање на денешната комеморација истакна дека академикот Старова има богата и интересна биографија, а за неговото творештво пишуваат и говорат бројни филозофи, филолози, книжевници и книжевни теоретичари.

Академикот Коцарев го цитираше писателот Едгар Морен, кој на промоција на „Времето на козите“ во 1997 година за Старова потенцираше дека „е совршен претставник на балканскиот соживот и на отвореноста. Човек кој во целиот свој живот го интересира балканското братство и соживот без каква и да е етничка затвореност, спротиставувајќи се на секакви сесии и идеолошки апстракции како и на секаква етнички и религиозна тврдокорност“.

– Една од централните теми за кои пишува Луан Старова е балканскиот хронотоп. Зборот хронотоп буквално значи времепростор и е дефиниран од факти како суштинска поврзаност на временските и просторните врски кои се уметнички изразени во литературата. МАНУ, македонска литература и култура со смртта на академикот Луан Старова загубија неповторлив автор, луциден раскажувач, брилијантен интелектуалец и голем хуманист, а сите ние загубивме прекрасна и благородна личчност, рече академикот Коцарев.

Фото: Б. Грданоски

Според академикот Влада Урошевиќ, Луан Старова е творец кој на литература и науката досегна резултати кои се прифатени како исклучителни, не само во нашата средина, туку во еден мошне голем опсег кој можеме слободно да го наречеме европски и светски.

– И пред да се појави, во 1992 година, пред 30 години, романот „Татковите книги“, кои станаа камен темелник на идните негови романсиерски дела, Луан Старова веќе имаше свое место во првите редови на нашите млади интелектуалци, кои со својот настап во тие години внесуваа нов, свеж дух во македонската култура, рече Урошевиќ.

Тој посочи дека раните книги на Луан Старова, патописи, записи, есеи, го профилираа како еден особено образован, широко информиран, и љубопитен истражувач на книжевните феномени, упатен во современите книжевни случувања кај нас и во светот, вклучен во жива комуникација со нив, и отворен кон европските хоризонти.

Фото: Б. Грданоски

– Сето тоа веќе тогаш го потврдуваше Луан Старова како значајна личност, која на нашата книжевна сцена донесува нови вредности. Но вистинска промоција на неговиот исклучителен книжевен талент беше појавата на „Татковите книги“. Роман, напишан надвор од дотогаш постојните калапи, на начин кој кај нас дотогаш не беше вообичаен, со еден својствен и длабоко личен, но и универзално прифатлив стил.

Урошевиќ посочува дека како што во романот „Татковите книги“ во библиотеката на неговиот татко стојат една до друга светите книги на хебрејската, христијанската и муслиманската релгија, така и во идеите на Луан Старова преовладува уверувањето дека вистината и правдата не се сопственост на ниту една вера и на ниту една нација, туку дека единствената можност за соживот на еден простор, а пред се на овој нашиот балканскиот, лежи во заемното разбирање, во добрата волја и во постојаниот обид за премостување на разликите.

Раководителката на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, Ирина Бамбова во своето обраќање на комеморацијата посочи дека оваа катедра имаше привилегија да го има професорот Старова во редовите на својот наставен кадар.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната комеморација во МАНУ/ Фото: Б. Грданоски

– Старова беше срдечна и блиска личност. Ведар и почитуван колега, строг и правичен професор. Ќе остане во нашите сеќавања како одличен педагог, далекувиден научник, вроден писател. Во годините што следуваат нам, на неговите поранешни студенти ни ја остава обврската да ја чуваме и да го негуваме споменот за него, и за неговото дело, рече Бамбова.

Весна Мојсова-Чепишевска од Друштво на писателите на Македонија (ДПМ) посочи дека Друштото на писателите е благодарно што во своите редови имаше личност како Старова кој пишуваше и на македонски и на лабански јазик

– Тоа е неговата животна приказна на Старова – бегалска судбина, и тоа е она што не поврзува. Бегалската субдина на неговото семејство од Албанија ќе го донесе во Македонија и токму тоа ќе го одреди неговиот пат, ќе се школува на македонски, и ќе живее дома на албански јазик. И така се случи Старова да пишува на двата јазика, и затоа се му многу благодарни од Друштвото на писателите, рече Мојсова-Чепишевска.

Фото: Б. Грданоски

Академикот Луан Старова почина на 24 февруари оваа година, на 81-годишна возраст. Роден е на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија.

Во 1979 година Старова беше избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, и член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“. Во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 година бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на катедрата на романски јазици и книжевности. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.

Добитник е на низа награди и признанија, како и највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“. Луан Старова создаде многубројни романи, а автор е на поетски, есеистички книги, како и на неколку патеписи. Исто така, ги преведе и дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и многу други.