Почина Оливера Катарина, ѕвездата на југословенскиот филм
Легендарната актерка и пејачка Оливера Катарина, која пленеше со својата убавина, почина на 87-годишна возраст во Белград, објави нејзиното семејство. Оливера Катарина беше една од најпопуларните актерки и пејачки во Југославија на почетокот на шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век. Родена како Оливера Петровиќ во Белград во 1940 година, по дипломирањето на Правниот факултет, студирала на театарската академија во класа со Петар Краљ, Милена Дравиќ и други, а во 1962 година започнала да глуми во Народниот театар со претставата „Коштана“.
Нејзината најпозната филмска улога била во „Собирачи на пердуви“ (1967) во режија на Александар Петровиќ, номиниран за Оскар, а филмот ја освоил Гран при наградата на Канскиот филмски фестивал. Таа се вратила во Кан во 2017 година по повод педесетгодишнината од „Собирачи на пердуви“, каде што настапила со песната „Џелем, џелем“.

Во текот на 1960-тите и 1970-тите, таа играла бројни улоги во домашни и странски филмови. Дебитираше во филмот „”Dobra kob”“ од 1964 година, меѓу другото играше во “Snu” (1966), “Uzrok smrti ne pominjati” (1968), “Devičanskoj svirci” (1973) и „Црвен удар“ (1974).
Како пејачка, таа одржа бројни концерти, сними бројни синглови и албуми, а го издаде својот последен албум „Ретка ѕвезда“ во 1984 година, по што се повлече од јавноста.

Во 2005 година соработуваше со Марина Абрамовиќ на претставата „Балкански епик“, а се врати на големото платно во 2008 година со улога во филмот „Чарлстон за оган“ од Урош Стојановиќ.

Во 2017 година ја објави автобиографската книга „Аристократско стапало“, а во 2018 година имаше концерт во салата Комбанк во Белград. Во 2017 година ја доби „Златниот печат“ на Југословенската кинотека, а во 2020 година наградата Нушиќ за животно дело.
Соработуваше со некои од најголемите композитори и музичари, меѓу кои Енио Мориконе, Чарлс Думон, Микис Теодоракис и Корнелије Ковач. Снимаше музика од различни традиции, од српска и ромска до грчка и индонезиска, што дополнително ја потврди нејзината уметничка разноврсност. Таа беше и писателка и објави неколку книги, вклучувајќи ја и автобиографијата „Аристократско стапало“, во која отворено зборуваше за успесите, љубовите и предизвиците што го карактеризираа нејзиниот живот.
Зад богатата кариера стоеше бурен приватен живот. Се мажеше двапати, а од бракот со Миладин Шакиќ го доби синот Манет, денес академски сликар.
Во последните години живееше во изолација, далеку од рефлекторите што ја следеа со децении. Сепак, нејзиното уметничко дело останува трајно врежано во историјата на филмот, театарот и музиката .