Министрите се менуваат, МНТ чека да блесне


Фото: Б. Грданоски
Премиерите во МНТ непречено се одвиват додека трае темелната реконструкција и санација на барокниот објект , вредна над 560 илјади евра (околу 35 милиони денари), со цел да се реши долгогодишниот проблем со прокиснувањето.Тендерот објавен преку Бирото за јавни набавки го доби скопската фирма „Мартин инженеринг“.Проектот почнат во август, опфаќа комплетна санација на проодните тераси на јужната и западната страна од каде што протекуваше вода во главното фоаје. Во рамките на буџетот се предвидува замена на подните теписони, репарирање на оштетените столчиња во салата и уредување на ентериерот, во рок од три месеци.
 
Фото: Б. Грданоски

Според тендерската документација, станува збор за темелен зафат, кој практично ќе ги „соголи“ терасите, ќе се  отстрануваат сите површински слоеви за да се дојде до бетонската плоча. Во спецификацијата пишува дека ќе се демонтираат, кршат и ќе се отстрануваат пристапните скали поставени на фасадниот дел од терасата, а ќе се поставува и нова хидроизолација.

За да се задржи постојниот изглед, ќе се поставуваат столпчиња и декоративни елементи за излупената ограда со слоеви од стиропор. Во документацијата пишува дека т.н. „балустради“, односно елементи за оградата, треба да се изработени од лесен материјал и да бидат заштитени со полиакрилна и боја што не пропушта вода.

Фото: Б. Грданоски
Постојниот спуштен гипсен плафон, на една од позициите во театарот ќе се демонтира и ќе се реконструрира повторно. И молерисувањето на ѕидовите треба да го задржи постојниот изглед, односно да биде со „боја, ефект свилен цветен ефект со светлосен отсјај – боја и нијанса иста како постојната или еквивалент.“
Изведбата треба да биде според цртежите, техничките спецификации, препораките на производителот, но одобрување треба да даде и надзорниот орган на МНТ.

Освен овие поголеми интервенции, ќе се вади стариот теписон и ќе се става нов, а ќе се репарираат и 700 столчиња поради тоа што се амортизирани. Изведувачот треба две години да гарантира за изведбата.

Ова е прва голема, темелна санација откако објектот беше свечено отворен во 2013 година како дел од проектот „Скопје 2014“ и чинеше 40 милиони евра.
Сите се чудат како таков скап проект пропаѓа пред очите на целата јавност.

Во декември 2017, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски најави дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби во Министерството за култура и во други министерства ќе понесат одговорност за неквалитено градење на Македонскиот народен театар (МНТ) и во Археолошкиот музеј. Тој рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.

Алаѓозовски тогаш најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014“ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.

Оттогаш, во Министерството за култура дојда уште петорица министри, Асаф Адеми, Хусни Исмаили, Ирена Стефоска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Зоран Љутков, но никој од нив не излезе со извештај за безбедноста на културните објекти од „Скопје 2014“.

На потег е новиот министер Седат Сулејмани кој беше во посета на МНТ.