Безвременската „Одисеја“ и извонредниот препев на Михаил Д. Петрушевски 


„Илијада“ и “Одисеја“ се класика што секоја генерација повторно ја открива, а со блокбастерот „Одисеја“ на Кристофер Нолан кој ги полни кината ширум светот и предизвикува реакции, контраверзи и бес во академските и политичките средини, повторно го актуелизира епот што го обликува светот со векови, за патувањата, мудроста и човековата истрајност. Прашањата што ги поставува за идентитетот, домот, моралот , се подеднакво важни и во современиот свет. Затоа „Одисеја“ не е само приказна за враќањето на еден јунак дома, туку и длабока размисла за човековата природа, искушенијата и смислата на животното патување.

По падот на Троја, започнува едно друго, уште понеизвесно патување. Одисеја ја следи долгата и опасна одисеја на Одисеј – јунакот, кој воден од копнежот по домот се соочува со богови, чудовишта и искушенија што ги испитуваат неговата издржливост и неговиот ум.

Ова е приказна за враќањето – не само во просторот, туку и во себе. За верноста на Пенелопа, за растењето на Телемах и за силата на човечката досетливост што се спротивставува на судбината.

Со богат јазик и незаборавни слики, Одисеја е вечна приказна за домот, љубовта и за истрајноста – патување што продолжува да ги инспирира читателите низ сите времиња.

„Полица“ годинава го реиздаде македонскиот препев на „Одисеја“ на Хомер, на 440 страници. Од старогрчкиот оригинал превел и препеал Михаил Д. Петрушевски, академик, класичен филолог и микенолог.

Михаил Д. Петрушевски (1911 – 1990), класичен филолог, основач на Семинарот за класична филологија (1946), прв декан на Филозофскиот факултет (1946-1949), ректор на Скопскиот универзитет (1956-1958), еден од основоположниците на МАНУ (1967), иницијатор и долгогодишен уредник на меѓународното научно списание за класична филологија Жива Антика, микенолог, автор на над 200 научни и стручни трудови од областа на класичната филологија, учител на многу генерации класични филолози и научник од светски глас. Студирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград каде што дипломирал во 1935 година. 
– Бил млад кога во науката се профилирал како многустран ерудит, студиозен и оригинален истражувач во областа на класичната филологија. Меѓу неговите први достигања на меѓународнот научен план се издвојува херменевтичкиот приод кон делата на истакнати антички автори: Хомер, Ајсхил, Аристофан, Хесихиј, Полукс и др. Според сопственото признание, за најзначајно го смета истражувањето и емендациите на Аристотеловата „Поетика“ каде што дава вонреден придонес со иновативното и аргументирано толкувањето на дефиницијата на трагедијата. Остварените резултати на ова поле добија соодветен одглас и признание во светската наука и се претворија во еден од препознатливите печати на македонската класична филологија – пишува во неговата биографија.

Значаен е неговиот придонес во микенологијата, нова наука од средината на 20 век. Веднаш по дешифрирањето на линеарното Бе писмо (1952/3), тој се вклучува во најтесниот круг на класични филолози кои нудат толкувања на микенски знаци и зборови што беа прифатени од светските специјалисти. Во неговите препеви на делата на Хомер не се гледа само голем познавач на хомерскиот грчки туку и на македонскиот поетски јазик.
– Внесувајќи во својот препев на Хомер бројни архаизми и дијалектизми, тој успеа не само да ја збогати изразната моќ на македонскиот јазик туку и да даде верен и продлабочен одраз на оригиналниот хомерски јазик што е редок случај во светската преведувачка постапка. На овој план е значаен и придонесот остварен во критичките изданија и преводи на делата на Григор Прличев (Мартолозот и Скендербеј). Тоа се дела со капитално значење за македонската култура воопшто кои остануваат основа за многу натамошни научни истражувања – се вели во биографијата. (Л.С.)