Колку треба да нè загрижува варијантата омикрон на корона вирусот?


Новата варијанта на коронавирусот наречена омикрон, која за прв пат беше идентификувана во Јужна Африка и набрзо се прошири во европските и азиските земји, предизвикува загриженост во целиот свет со оглед на големиот број мутации кои придонесуваат за побрзо ширење, може значително да ја намалат ефикасноста на вакцините, да го зголемат ризикот од повторување на инфекциите, па дури и да ги избегне антителата.
Веста за новата варијанта поттикна голем број држави во петокот да воведат нови ограничувања за патување, а фармацевтските компании дополнително да ја забрзаат работата на адаптацијата на вакцините и да утврдат колку постоечките вакцини ги штитат вакцинираните луѓе од Ковид-19.

Што ги загрижува научниците?

Светската здравствена организација (СЗО) во петокот го класифицира Б.1.1.529 или омикрон како „загрижувачка варијанта на САРС-КоВ-2“, најавувајќи дека може да се шири побрзо од другите форми на коронавирус.

Делта варијантата се уште е доминантна во светот. Во САД таа сочинува 99,9 отсто, но сè уште не е познато дали омикрон ќе може да ја „истисне“ делтата, рече др. Грахам Снајдер, епидемиолог и директор на Одделот за превенција на инфекции на Медицинскиот центар на Универзитетот во Питсбург.
Засега се знае дека новата варијанта има повеќе од 30 мутации во делот на вирусот што е цел на постоечките вакцини, а до сега ги има 10. Исто така, се сомнева дека бројот на новозаразени во Јужноафриканската Република се зголеми поради оваа варијанта.
Поради мутациите на омикрон, одредени видови третмани за Ковид-19, вклучително и терапија со антитела за превенција и третман на болеста, најверојатно ќе станат неефикасни, рече д-р. Дејвид Хо, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Колумбија.

Сепак, експерименталните антивирусни апчиња, како што се паксловид на Фајзер и молнупиравир на Мерк, се насочени кон делови од вирусот кои не биле променети од омикрон, што ги прави овие лекови уште поважни ако се покаже дека е загрозен имунитетот на пациентот кој го има со вакцинација или со прележување на болеста, пренесува Сеебиз.

Нејаснотии

Научниците велат дека би можеле да поминат уште неколку недели пред да можат да го дефинираат видот на болеста предизвикана од оваа варијанта на коронавирусот, додека не утврдат колку е заразна и до каде веќе се проширила.

Некои сугерираат дека други варијанти, првично прогласени за загрижувачки, како што е бета (исто така првпат откриена во Јужна Африка), на крајот биле заменети со делта.
Но, најголемото прашање и непознаница за научниците е следново – дали заштитата од вакцини, (досега се аплицирани речиси 8 милијарди дози ширум светот), ќе продолжи да биде ефикасна и дали луѓето кои преживеале ковид ќе бидат имуни на зараза со варијантата омикрон.
Експертите сè уште не знаат дали омикрон ќе предизвика полесна или пак уште потешка форма на Ковид-19 во споредба со другите соеви на коронавирусо.

Како е најдобро да се реагира?

Омикрон сè уште не е идентификуван во САД, но веројатно е веќе присутен таму, велат научниците.
Дури и без оваа нова варијанта на коронавирус, стапката на инфекција со Ковид во Соединетите Држави се зголеми во последните недели, најмногу во северните делови на земјата. Експертите велат дека ова е затоа што луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории во зима.
Некои држави веднаш одлучија да го ограничат патувањето од Јужна Африка.
Покрај ограничувањата наметнати од владата, поединците треба самите да проценат колку се подложни на заболување од Ковид и дали се изложени на ризик од инфекција кога донесуваат одлуки за патување за време на зимскиот одмор, рече д-р. Снајдер.
И тој и неговите колеги посочуваат дека вакцинацијата треба да остане приоритет и покрај тоа што се уште не се знае дали и колку е ефикасна вакцината во случај на инфекција со омикрон.
Во исто време, сите треба да продолжат да носат заштитни маски, да избегнуваат гужви, редовно да ги проветруваат просториите и да ги мијат рацете.

Сè уште ги имаме на располагање сите оние алатки кои функционираат во случај на која било варијанта“, потсети др. Ерик Топол, директор на Истражувачкиот институт Скрипс во Ла Јола, Калифорнија, пренесува Сеебиз.