Колежот во Тајланд го преживеа само едно дете


Најмалку 37 луѓе беа убиени во масакрот на североистокот во Тајланд, а повеќето убиства се случија во детска градинка во Нонг Буа Лампу. Меѓу убиените се и 23 деца. Овој незапамтен колеж го направи поранешниот полицаец Паниа Камраб, и тоа под влијание на дрога.

Би-би-си пишува дека преживело само едно дете од сите кои биле во градинката. Родителите на убиените се собраа пред градинката расплакани, а во рацете држат играчки. Една мајка неутешно плачеше прегрнувајќи го омиленото кебенце на синот и неговото полуполно шишенце со млеко.

Внукот на Нуанканјане Соле бил еден од убиените. Имал само четири години. Штом слушнала што се случило, отрчала во градинката.

„Побрзав да го проверам списокот со имиња и го видов името на својот внук. Паднав во несвест. Беше едно драго дете. Многу зборуваше, играше, постојано бараше да му купам некои играчки“, рече неговата баба.

„Ова не сум можела ни да го помислам“

Скршени родители и семејства оставаа бели рози на скалите на детските соби во градинката. Буараи Танонтонг и нејзината ќерка биле меѓу нив. Меѓу убиените се и двајцата нејзини тригодишни внуци. „Не можев да спијам, не можев да верувам дека се убиени моите внуци“, вели таа.

Наливан Дуангкот (21), која го изгубила својот двегодишен внук Камрам во градинката, ја теши неговата мајка, својата 19-годишна роднина Панита Правану.

„Пред да биде убиен сакаше да јаде пица. Бевме многу тажни што не му купивме. Беше мил, многу љубезен, секогаш делеше работи со децата, со сите“, вели таа за АФП.

Директорката на градинката Нантича Панчум, рече дека во градинката обично има 92 деца, но поради лошото време и дефект на автобусот во градинката имало 24 деца.

„Ова е нешто на што не можев ни да помислам. Не знам што и како понатаму. Во овој момент не можам да мислам на ништо“, вели Нантича за Би-би-си.

Децата се убиени додека спиеле

Убиецот во својот крвав поход користел ладно и огнено оружје, а децата ги избодел додека спиеле. Додека бегал од градинката, пукал во случајни минувачи. Кога се вратил дома, се убил и себеси, сопругата и детето. Тајландската полиција не дава повеќе детали за масакрот.

„По прегледот на местото на злосторството откривме дека сторителот се обидел да провали во градинката и дека главно користел нож за да го изврши злосторството, убивајќи неколку мали деца, додека неколку преживеале“, рече дека шефот на тајландската национална полиција Дамронгсак Китикипрапат.

„Тогаш излегол и почнал со пиштол и со нож да убива секого кого го сретнал на пат се додека не стигнал дома. Ја опколивме куќата и тогаш откривме дека се самоубил“, вели тој.

Убиецот го чекало судско рочиште поради поседување на дрога

Шефот на полицијата рече дека осомничениот во утрото на нападот имал судско рочиште поврзано со обвинение за поседување дрога.

„Не престана со конзумирање дрога кога излезе од затвор. Можно е да халуцинирал и да бил под стрес па ги извршил злосторствата. Почна во детската градинка, а потоа продолжи со злосторството дома“, вели Китипрапат.

Утре, тајландскиот премиер Прајат Чан-очла, ќе замине во покраината Нон Буа Лампу за да се состане со дел од семејствата на жртвите од масакрот, се наведува во соопштението од канцеларијата на премиерот и се додава дека земјата ќе истакне знамиња на пола копје.

Тајландскиот крал Маха Ваџиралонгкорн и кралицата Сутида утре ќе ја посетат болницата за да се состанат со самејствата на жртвите од масакрот, јави Си-ен-ен.