Колекционер од Кичево поседува збирка од околу 1.000 различни кибрити
Еден од малубројните колекционери од Кичево е Тоше Петрески, кој речиси шест децении ја надополнува својата збирка кибрити, со различно потекло, а некои и специјално изработени за одредени јубилеи и прослави. Иако, денес кибритите се речиси исфрлени од употреба, сепак тој успева да ја надополни својата колекција и да создаде богата збирка.
-Од својата десетта година го засакав колекционерството и таа љубов ме следи и ден денес.Така низ годините собирав филмски плакати, невестински ковчези, а најдолготрајната преокупација ми беше собирање на кибрити, што го започнав на почетокот на шеесетите години од минатиот век, вели колекционерот и потсети на начинот како ја создавал оваа уникатна збирка.
Петрески вели ја користел секоја прилика кога ќе забележел поинаков кибрит од оние што ги поседува, и веднаш посакувал да ги има во својата колекција.
-Големата упорност најчесто даваше резултати и доаѓав до нови и нови примероци, како од поранешната држава така и од повеќе земји од светот, вели Петрески.
Тој се потсетува како се, се обидувал да дојде до нови примероци.
-Често се случуваше да дојдам до нови примероци по контакти со роднини и пријатели и, ако некогаш имавме некој гостин што работи во странство, првото мое прашање беше дали пуши и дали користи кибрити. Ако добиев потврден одговор, го замолував гостинот да ми го подари кибритот, за да го имам во мојата колекција, нагласи Петрески.
И така од ден на ден од година в година продолжува неговото збогатување на колекцијата, која денес брои околу 1.000 примероци.
Се пожали дека денес речиси никој не користи кибрит и затоа му е многу тешко да дојде до нови примероци, а многубројните јубилеи, денес се обележуваат на поинаков начин.
-За жал последните 15-20 години пушачите и домаќинставата се помалку или воопшто не користат кибрити, а истите тешко се наоѓаат и во продавниците и затоа ми е многу потешко да ја збогатувам мојата колекција со нови примероци. Но, јас сум оптимист и не губам надеж, дека и наредните месеци и години ќе дојдам и до нови примероци кибрити, и уште повеќе ќе ја збогатам својата колекција и покрај променетите навики на граѓаните. Можеби збогатувањето ќе оди поспоро, но и во тоа е убавината на колекционерството, додава Тоше.
Потсети дека филмските плакати ги подарил на градскиот музеј, додека колекцијата на невестински ковчези, исто така, тешко се надополнува, бидејќи, вели, во денешно време таа традиција повеќе и не постои и ретко кое домаќинство денес го поседува овој дел од невестинскиот мебел.