Кој мати околу стабилноста на банките? Заев вели има шпекулации со зла намера
Премиерот Зоран Заев во рамки на прес конференцијата посветена на ефектите од досегашните четири пакети економски мерки, посебно се осврна на сигурноста на банките кај нас и на одредени шпекулации кои се јавуваат деновиве околу нивната стабилност.
„Уште еднаш ја користам можноста да потенцирам, банкарскиот сектор е стабилен и финансиски ликвиден. Деновиве овие шпекулации кои што излегуваат навистина се со зла намера да наштетат на депозитната база и на банкарскиот сектор. И најголемата банка, Стопанска банка – Скопје и другите банки се стабилни и финансиски ликвидни“, нагласи премиерот Заев.
Тој исто така се осврна и на трендовите во банкарскиот сектор во изминатиот период.
„Позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението. Во февруари вкупните кредити се зголемени за 4,4 проценти на годишно ниво, во услови на раст на кредитирање на домаќинствата за 7,1 процент и кон компаниите за 1,4 проценти. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1 процент“, рече Заев.