„Кој беше Ванчо Михајлов?“: Жестока расправа во битолскиот суд

Во судот во Битола почна главната расправа за Љупчо Георгиевски, поранешниот претседател на сега затворениот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“


Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола сега е избришан од регистерот (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Во тензична атмосфера, со жесток вокабулар, напати и со клевети и лични дискредитации, почна главната расправа на судењето на Љупчо Георгиевски, сега екс-претседател на бугарскиот клуб во Битола „Ванчо Михајлов“.  Георгиевски според обвинителниот предлог се товари за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, или народски кажано за неговите објави на социјалните мрежи каде го величел ликот и делото на Ванчо Михајлов.

Судењето го следеше Илијан Крстев заменик-конзул од Бугарскиот конзулат во Битола и  новинар на бугарската агенција БТА. Беше присутен и претставник на ОБСЕ поради судски спор од безбедносен ризик.

Обвинителката Оливера Нечаковска од ОЈО Битола, кажа дека обвинението го поднела во мај годинава и смета дека е направено продолжено кривично дело со тоа што Георгиевски како администратор на социјалната мрежа објавувал постови со кои ширел расистички и ксенофобичен материјал. Обвинителката за сведоци на судењето ги повика претседателот на ОО на Сојузот на борци Стефан Бошков, внук на народниот херој Стив Наумов и внук на првоборецот Ѓорѓи Наумов од НОВ. Потоа, Горан Садикарио директор на Музејот на холокаустот, пејачот Ламбе Алабаковски, осуден на условна казна од шест месеци за опожарувањето на влезната врата на клубот во Битола, како и Зоран Ѓоргиев, сопственик на порталот „Бабам Битола“, инаку автор на книга за битолските Евреи и постдипломец на студии во Израел на програмата Холокауст.

На сведочењето, сведоците на Обвинителството не сакаа ни да го спомнат името на Ванчо Михајлов, па кога одговараа велеа „клубот“, додека адвокатот на обвинетиот, Насер Рауфи, сведоците ги нарече „пиромани“ и „индиректни пиромани“. 

Обвинетиот Љупчо Георгиевски пред судот кажа дека е Бугарин, со два пасоша, македонски и бугарски, и досега не е осудуван; семеен човек вработен во РЕК „Битола“. Тој рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари.

Тензиите во судницата започнаа уште со распитот на првиот сведок, претседателот на ОО на Сојузот на Борци од Битола, Бошков, кој кажа дека пред отворањето на клубот, кога како боречка организација повикале на протест, од граѓаните имало силен одек да не се отвори клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. После ова реагирале и до Комисијата за заштита од дискриминација.

Бошков кажа дека отворањето на бугарскиот клуб ги вознемирил борците од НОБ и нивните потомци, македонскиот народ и етничките заедници, споредувајќи го со фашизам и велејќи дека во манифестот на АСНОМ, јасно е напишано кој бил „крволокот  Ванчо Михајлов“ и „крволочните банди на Ванчо Михајлов“.

На ова остро реагираше адвокатот Рауфи, кој рече дека поврзувањето на клубот со неофашизам може да го навреди присутниот бугарски дипломат во судницата. А, Бошков не е историчар за да зборува за ликот и делот на Ванчо Михајлов. 

Атмосферата во судницата се разгоре, кога обвинителката Нечаковска го праша сведокот Бошков – „На која страна бил Ванчо Михајлов?“ Тука настана тензична атмосфера, па судијата мораше да реагира и им даде опомена и на двајцата, обвинителката и адвокатот. Прашањето не беше дозволено, но кога обвинителката го праша Бошков – „Што почувствувал од отворањето на клубот“, Бошков со еден збор рече „бес“, и почна да зборува за убиството на Невена Георгиева-Дуња, масакрирањето на нејзиното мртво тело кога имала само 16 години.

Адвокатот Рауфи на ова возвраќаше – „Дали Ванчо Михајлов бил администратор од 1941-1945?“, на што Бошков кажа дека не му го разбира прашањето.

Атмосферата уште повеќе се разгоре кога беше повикан сведокот на Обвинителството, Зоран Ѓоргиев, сопственик на интернет порталот „Бабам Битола“,  автор на книгата „Траги на еврејското наследство во Битола“, инаку вработен како полициски службеник. Ѓоргиев ги набројуваше еврејските маала во Битола и каже дека според неговото истражување опишано во книгата, а поткрепено со документи од Катастар, историски документи од Државниот архив,  улицата „Рузвелтова“ во Битола, каде е седиштето на сега затворениот клуб „Ванчо Михајлов“, било еврејско мало во радиус од 500 метри, наречено Ла мале. Куќата спроти клубот била на Евреинот, трговец, Франко Челебон, како и тоа дека 99 проценти од Евреите од Битола биле одведени во Скопскиот монопол од бугарските фашисти, а од таму однесени во Треблинка и убиени.

Тука адвокатот Рауфи почна бурно да реагира и да бара одговори дали книгата на Ѓоргиев била научен труд, што училиште имал завршено, дали биле релевантни неговите истражувања, каде бил во времето кога се отворал клубот?. На крај, адвокатот Рауфи го нарече сведокот „индиректен пироман“, зборувајќи дека ќе докажел оти на порталот „Бабам Битола“ повикувал да се запали клубот. 

На ваквиот вокабулар остро реагираше обвинителката Нечаковска, дека адвокатот се служи со инсинуации и клевети.

Адвокатот продолжи, па за да ја испита начитаноста и укоста на сведокот за Евреите, го праша дали знае кој е Владимир Куртев? Арно ама, претходно ни адвокатот, ни обвинетиот Љупчо Георгиевски не беа сигурни во презимето на Куртев, па од обвинителната клупа со шепотење го прашуваа бугарскиот заменик-конзул како точно се презивал соработникот на Ванчо Михајлов. Па, адвокатот Рауфи најпосле кажа дека Куртев бил Евреин, а бил десна рака на Ванчо Михајлов.

По два часа од расправата пред да биде сослушан сведокот Ламбе Алабаковски, главната расправа се одложи за во октомври, поради други обврски за обвинителството и адвокатот.