Кои компании ќе може да бараат поддршка од 14.500 денари за исплата на нето-плата


Обезбедена минимална нето плата во износ од 14.500 денари за април и мај за вработените во фирмите кои претрпеле штета поради корона кризата, како и исто толкав износ на плата за сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво, се две од сетот 17 мерки кои денес на прес конференција ги презентира премиерот Оливер Спасовски. Мерката кратење на платите, барем за сега, не се однесува на вработените во јавната администрација, што деновиве беше тема на многу дебати и полемики. Вкупниот износ на новиот пакет мерки на Владата со кои треба да им се помогне на фирмите и на граѓаните заради пандемијата од Ковид-19 се проценува на околу 200 милиони евра.

Првата мерка што ја промовира премиерот Спасовски се однесува на компаниите од приватниот сектор. Државата ќе помогне со најмногу 14.500 денари за исплата на нето-платите во април и мај, месечно по работник, сразмерно на ефективните часови поминати на работа.

Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат трошоците за плати“, рече Спасовски.

За таа цел ќе се формира посебен државен фонд, а работодавачите самостојно ќе ја исплаќаат платата преку УЈП, односно преку алатката пресметка за интегрирана наплата.

Услов за користење на мерката, како што појасни Спасовски, е да не исплаќаат дивиденди и бонуси и годишни награди на вработените и органите на управување и надзор на компанијата, потоа фирмите да имаат најмалку 30 отсто намалување на приходите споредено со просекот од минатата година, или сезонскиот просек за оние кои вршат сезонска дејност.

За месецот за кој се бара финансиска поддршка просекот на делот на највисоките нето плати на 10 проценти од вработените кај работодавачот – барател на финансиска поддршка да не надминува износ од 120 илјади денари по вработен.

Дополнително, финансиската поддршка не се однесува на оние вработени кои за месеците декември 2019 година и јануари и февруари 2020 година примиле нето пата повисока од 39.900 денари.

Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска истиот број вработени да го задржат заклучно со месец септември 2020 година.

Добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавачи кои искажале загуба за 2020 година. За осанатите враќањето е лимитирано во износ до 50 проценти од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.

Оваа мерка ги опфаќа и медиумските паавни субјекти под истите услови.

За самостојните вршители на дејност, односно за сите занаетчии, како автомеханичари, фризери, бербери, пекари и други за да имаат проистап до оваа мерка ќе биде донесена дополнителна уредба, најави Спасовски.

Субвенционирањето на 50 проценти придонеси за плата за погодените компании е алтернативна мерка на претходната, додаде премиерот.

Критериумите ќе бидат објавени во дополнителна Уредба.

Ова е нашиот паралелен фронт со кој ќе се обидеме да го ублажиме економскиот удар. Фронт кој го отвораме за да обезбедиме функционирање на Буџетот во секое сценарио на кризна економска состојба, за да обезбедиме ликвидност и финансиска инјекција за стопанството преку мерки за помош на работниците и фирмите и да се сочуваат колку што може повеќе работни места“, рече Спасовски презентирајќи ги мерките.