Клучна средба на лозарите со Владата, ќе се најде ли решение за цената на грозјето
Ќе се најде ли решение за откупната цена на грозјето, проблем кој годинава поради влијанието на корона кризата врз индустријата за вино дополнително ескалира и се заканува врз оваа важна стопанска гранка, но и врз лозаропроизводството. За таа цел денес во Кавадарци е закажана средба на премиерот Зоран Заев со претставници на лозарите, на која ќе бидат клучните функционери во новата влада – заменик-претседателот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.
Најголемиот лозарски регион во нашата земја е пред можна блокада – здруженијата на лозарите се заканија дека доколку не се реши проблемот со ниската откупна цена на грозјето што ја нудат винариите, веќе в среда ќе излезат на улица. Од друга страна, најголемата винарница во регионот, „Тиквеш“, преку драматично обраќање алармира за катастрофалните последици на КОВИД-19 врз оваа индустрија, но и неповолните временски услови кои влијаеа врз шеќерноста на грозјето и неможноста во такви услови да се задржи откупната цена на грозјето.
Премиерот Зоран Заев, вчера пред средбата во Сојузот на синдикати на Македонија рече дека откупните цени на грозјето ги усогласиле на состанок со сите винарии и таа ќе биде пониска за два денари, кои дополнително Владата ќе ги интервенира, со што ќе се стигне до интервенција од четири денари и просечна откупна цена на вранецот од 15 денари и на смедеревката од 13 денари.
„Годинава откупната цена на грозјето ќе биде за два денари пониска. Наместо 13 денари вранец ќе биде 11, наместо 11 денари смедеревка ќе биде девет, но затоа тие два денари дополнително Владата ќе ги интервенира. Така стигаме до четири денари интервенција и просечна откупна цена на вранецот од 15 денари и на смедеревка од 13 денари“, изјави Заев.
Новина, како што објасни е дека два денари Владата ќе одобри за висококласните сорти на винско грозје, ризлингот и сите други.
„Тие се околу десет милиони килограми и тие ќе ги помогнеме. Остана да утврдиме како да помогнеме да се продаде вишикот останат во визбите од околу 30 милиони килограми. Развивме механизми кои ги согледавме заедно Владата и асоцијацијата на винариите, на поддршка на транспортот во делот на транспортната цена за извоз на наливно и флаширано вино“, изјави Заев, додавајќи дека винаријата „Тиквеш“ објавила цени кои се надвор од претходно договореното.
Од друга страна, изјавите кои ги даваат лозарите покажуваат дека состојбата е далеку од постигнување решение. Проблемот годинава ги обедини инаку разединетите здруженија на лозарите. Претседателот на Здружението „Тиквешки лозароовоштари”, Златко Стојчев вели дека се неоподни субвенции и за извезените количини на грозје, не само за тие што се продаваат на домашни откупувачи, како и дека е неопходна изградба на државна дестилерија, за решавање на вишоците на грозје. Претседателот на Здружението „Напредни лозари”, Трајче Кулев, пак, вели дека проблемот околу откупните цени за килограм грозје е долгогодишен и дека е неопходно донесување на загарантирана цена за килограм грозје.
„Цените кои досега ги објавија одделни винарии се срамни, понижувачки, омаловажувалки. Диктираат цени и кај другите, што е нефер и некоректно. Затоа бараме да прекине тој монопол со цени што е присутен секој гроздобер. Има појава на винарници кои никнуваат како печурки по дожд, манипулираат со лозарите па одат во стечај“, изјави Кулев.
Проблемите се надвиснати и врз производителите на вино кои поради пандемијата се соочуваат со значитечно намалени продажби и со големи залихи.
„Во услови кога целиот свет трпи последици од пандемијата нереално е да се очекува да се задржи истата цена на грозјето, ниту да се очекува откуп на неквалитетно грозје“, е ставот на винарската виза „Тиквеш“, која преку соопштение до медиумите се осврна на актуелните проблеми во оваа стопанска дејност предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.
Во него се нагласува дека кризата предизвика 80 отсто загуба во продажбата на вино на домашниот пазар во месеците кога имаше вештачко затварање на пазарот, а по повторното делумно отварање на пазарот, загубите изнесуваат 20 отсто во волумен и 30 отсто во вредност. Потоа, 40 отсто намалување на цените на виното на главните извозни пазари. Ваквиот драстичен пад на цените е последица на мерките што ги преземаат големите производители на вино – Италија, Шпанија и Франција за да се ослободат од големите залихи.
„Конкретно, Тиквеш бележи зголемување на залихите од вино за 60 проценти. Заради падот на побарувачката и прометот на домашниот пазар и падот на цените на главните извозни пазари, сите наши винарници не беа во можност да ги продадат предвидените количини вино за да можат да ослободат доволно простор за складирање на новото вино од годинешната берба. Заради ова постои релна можност оваа година да останат 30 милиони килограми грозје на нивите“, се вели меѓу другото во соопштението, во кое се укажува и на други аспекти на состојбата во оваа стопанска гранка, но и на нереализираните ветувања од страна на државата, за кои како што нагласуваат немало конкретен слух и конкретна поддршка.
Проблемите, како што наведоа, годинава се усложнија и поради дождот кој врнеше во периодот на зреење на грозјето, што предивика кај сите сорти да има зголемени количини род, но со многу слаб квалитет – вранецот во 2020 ќе биде со 15-19 шеќерни единици што значи дека не може да се произведе вино со соодветен квалитет и не ќе може да има повеќе од 9 – 10 проценти алкохол, а 20 – 30 отсто од грозјето е зафатено со болест бутритис…
Сето ова навестува дека денешната средба во Кавадарци ќе биде исклучително тешка за изнаоѓање решение кое ќе ги задоволи сите страни – лозарите, винариите, а притоа имајќи ги во предвид и ограничувањата во Буџетот каде што приходите годинава се значително намалени. (Н.В.)