Ќотекот и натаму најупотребувано средство за дисциплинирање на децата


Државниот завод за статистика, во текот на 2018-2019 година го спроведе Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), како дел од Глобалната програма MICS за состојбата на децата и жените.Техничката поддршка ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада. Резултатите се објавени во инфографик од кој се гледа дека „ќотекот“ се уште е најупотребувано сретство за  воспитување на децата во Македонија – дури 45 отсто од нив според истражувањето се соочуваат со некој вид физичко казнување.  

 Подетално, 22 проценти од децата – или помалку од една четвртина – биле подложени само на ненасилни методи на дисциплинирање. Од друга страна, 73 проценти, или речиси три четвртини, доживеале насилен метод на дисциплинирање. Физичко казнување доживеале 45 проценти од децата. Од нив, 7 проценти биле подложени на
тешки форми на казнување. Според податоците, момчињата почесто доживуваат насилно дисциплинирање од девојчињата.  Децата со функционални тешкотии се
поизложени на насилно дисциплинирање, од сите видови, во споредба со нивните
врсници без функционални тешкотии.  Севкупно, 4 проценти од
мајките/старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за
правилно воспитување и образование на детето. Овој став е позастапен кај
помладите мајки и старатели, како и кај оние од најсиромашниот квинтил.Подолу е описот на формите за физично казнување.

Физичко казнување: Тресење, удирање или плескање по дланка/рака/нога, удирање по задникот или друг дел од телото со тврд предмет, плескање или удирање по задникот со гола рака, удирање или плескање по лицето, главата или ушите, и удирање или тепање силно и постојано.

Тешки форми на казнување: Удари или шлаканици по лицето, главата или ушите, тепање, односно повеќе повторени удари со цела сила.

Психолошка агресија: повишување тон, викање или врескање кон детето, како и нарекување на детето со навредливи имиња како „глупаво“ или „мрзеливо“.

Насилно дисциплинирање: Секое физичко казнување и/или психолошка агресија.